Претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски во делот на неговата агенда за билатерални средби на маргините на Минхенската безбедносна конференција, денеска се сретна со премиерот на Република Грција Киријакос Мицотакис.
Премиерот Ковачевски на средбата изрази задоволство од билатералните односи, и за пријателството меѓу двете земји со огромен потенцијал за натамошно унапредување и проширување, согласно стратешкото партнерство кое се востанови со Договорот од Преспа.
Заедничкиот интерес за напредок на меѓусебните односи двајцата премиери го препознаваат и во заедничките стратешки и капитални енергетски инвестиции како што е учеството на Северна Македонија во Терминалот за течен гас во Александропулос и изградбата на интерконекторот за природен гас со Грција.
На средбата беше изразено задоволството од двете страни од континуираното зајакнување на политичкиот дијалог во изминатите неколку години, проследено со посети и средби на високо ниво што допринесе за дополнително интензивирање на динамиката и градењето доверба меѓу двете земји и за раст на економската соработка.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за силната поддршка на Грција за Северна Македонија за усвојувањето на преговарачката рамка за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ, која што беше реафирмирана и на оваа средба.
Извор: Влада