Со оглед на високите цени на електричната енергија, а со тоа и зголемувањето на сметките за електрична енергија за улично осветлување за 270%, од страна на советникот од Левица – Дарко Димовски, до градоначалникот на Општина Бутел се поднесе предлог за заштеда на електрична енергија.
Предлогот за заштеда на електрична енергија се состои во тоа да се вгради систем на такаречено ,,димирање ” во електричните ормари за напојување на канделабрите за улично осветлување, на улиците во населените места на територија на Општина Бутел.
Со системот за димирање, може да се намалат сметките за електрична енергија на два начина:
1. Уличното осветлување да биде активно целосно до полноќ, а потоа да се добива осветлување преку една канделабра, со што ќе се овозможи 50% заштеда на електричната енергија (сметано од полноќ до шест часот наутро).
2. Во зависност од техничката можност на сегашните светилки за улично осветлување, може да се постави систем за ,,димирање”, кој ќе овозможи после полноќ (до шест часот наутро) да се намали поединечното осветлување во однос на моќноста. На пример, од 250 w нa 150 w по светилка, со што може да се направи заштеда на сметките за електрична енергија.
Предлагаме делумното намалување на уличното осветлување да биде во период од полноќ до шест часот наутро, поради намалената фрекфенција на луѓе кои се движат во посочениот временски интервал.
Искрено се надеваме дека градоначалникот ќе го разгледа, прифати и реализира предлогот, а притоа ги повикуваме жителите на Општина Бутел нивните предлози и локални проблеми да ги споделат со нас, а ние ќе инсистираме на нивно решавање.
Извор: ЛЕВИЦА