Поради руско-украинскиот конфликт кој се случува моментално, ЕУ најави дека Русија ќе се соочи со економски санкции од страна на земјите членки на Европската унија како резултат на воената агресија на Русија врз Украина. Дел од овие мерки кои ЕУ ги предложи се: забрана за генерален или специфичен извоз на материјални добра кон Русија, замрзнување на банкарски сметки и одложување на комерцијалните летови кон Русија.
Иако Република Македонија не е дел од европската унија, Владата слепо застануваме позади грбот на оваа организација. Бујар Османи веќе изјави дека и земјава ќе биде дел од санкциите на ЕУ против Русија, без притоа да предочи дека Република Македонија е соочена со загуби од повеќе од 60 милиони долари доколку се воведат санкции на извозот на македонските продукти кон Русија. Со најголемиот проблем би се соочиле производителите на земјоделски производи – 24 милиони долари, фармацевтската индустрија – 20 милиони долари, компаниите кои извезуваат електрична опрема – 3 милиони и извезувачите на цигари – 2 милиони долари.
Увозот на Република Македонија од страна на Русија главно се темели на минерални горива и нафта со 80 милион долари, додека вкупниот увоз е близу 150 милиони долари. Втори продукти на листата се железото и челикот со 37 милиони долари и бакарот со 5 милиони долари. Доколку Русија возврати кон нас со забрана на извоз на материјалните добра кон Република Македонија, ни се заканува колапс на тешката индустрија. Македонија е и целосно зависна од Русија при увозот на приридниот гас и немаме друга алтернатива за негов увоз при моменталната цена на светскиот пазар.
Левица, тргнувајќи од своите анти-империјалистички позиции, е против санкционирање на кој било народ од страна на САД, НАТО, ЕУ и земјите блиски до нив. Граѓаните не трпат случајна или колатерална штета од санкциите – таа штета е главната цел на постоењето на тие санкции. Од истите позиции, Левица е против тоа Република Македонија, како мала држава чии што санкции нема сериозно да наштетат никому, да се умилкува на НАТО и ЕУ. И крајно, Левица се заложува против какви било санкции од страна на Република Македонија према Русија, бидејќи доколку на истите биде возвратено во иста мера, Македонската економија ќе ги сноси последиците.
Извор: ЛЕВИЦА