Со 16 гласа за, советниците од Карпош го усвоија Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, Блок 3 04. 05, кој се најде како единствена точка на дневниот ред на вонредната седница на Советот на општина Карпош. За ДУП-от гласаа советниците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ, додека пак советниците од Левица и Независни за Карпош не присуствуваа на денешната седница.
Во таа насока, градоначалникот Стевчо Јакимовски пред присутните, детално ја образложи ургентноста од донесување на оваа планска документација.
Планот е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Дупот е со плански опфат од 4.88 хектари и се протега од Север и Запад по оска на новопланираните сервисни улици „С3“ и „С4“, од Југ по оската на новопланираната улица „С1“ и од Исток, по должина на градската магистрала Булевар „8. Септември“.
Според ДУП-от се предвидува намена на просторот за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензински пумпи.
Извор: Општина Карпош