Општина Центар учествува во акцијата на Град Скопје и скопските општини за чистење на отпад од приватни имоти, што претставува законска обврска на општината, согласно член 38 од Законот за управување со отпад.
Акцијата се спроведува од овластените инспектори за животна средина на Градот и општините и истата опфаќа: евидентирање на имоти, пронаоѓање на сопствениците и нивно задолжување со записник и решение во даден временски рок да го исчистат имотот. Доколку сопствениците не постапат по дадените задолженија, се издава Решение на јавните комунални претпријатија, да го исчистат делот на трошок на сопственикот.
За таа цел, овластените инспектори за животна средина од Општина Центар, во соработка со одговорните лица за урбаните заедници од општината, подготвија преглед на локации, каде што има напуштени, срушени куќи со незаградени дворови или каде сопствениците складираат стари предмети, претворајќи ги дворовите во депонии и извор на зарази, каде што подолго време се остава отпад од различен тип.
Досега се евидентирани 40 локации, за кои е започната постапка за пронаоѓање на сопствениците, кои согласно со Законот за управување со отпад, ќе бидат задолжени да го исчистат отпадот од својот имот во даден рок. Во спротивно, ЈП „Комунална Хигиена“ ќе го исчисти отпадот, на трошок на сопственикот.
Во текот на овие 2 недели извршена е контрола на повеќе локации во населбите во Општина Центар и започнати се инспекциски постапки.
На увидот во населбата Крњево, на паркингот зад хотел „Вип“, на празна и незаградена локација, пронајдени се околу 700 отпадни гуми.
Во соработка со Град Скопје и фирмата „Еко-циркон“, во текот на денешниот ден, спроведена е акција за подигнување на отпадните гуми со механизација – камион грајфер.
Локацијата е исчистена, но сопствениците на имотот мораат да преземат мерки за заштита и да спречат понатамошно оставање отпад.
Општина Центар упатува апел до граѓаните навреме да преземаат мерки за пролетно чистење на сопствените дворови, а сопствениците на незаградените имоти да преземат мерки за чистење на локациите и нивна заштита.
Извор: Општина Центар