Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини оствари средба со Лилјана Павлова, потпретседател на Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Матео Ривелини, раководител на дирекцијата за Западен Балкан и Турција, придружени од страна на Ангелина Субашка и Алесандро Де Кончини.
На состанокот се разговараше за општата соработката во областа на животната средина, а со посебен акцент статусот на кредитната линија – заем од 50 милиони евра за втората фаза од проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води”, со кој се предвидува изградба на нови и реконструкција на постоечки системи за водоснабдување, филтер станици за вода за пиење, системи за собирање и одведување на атмосферски и урбани отпадни води, како и постројки за пречистување на урбани отпадни води.
Потпретседателката Павлова посочи дека постапката за одобрување на кредитот во наредните месеци ќе биде завршена, а истовремено потврди дека активно ќе ја подржат целосната и навремената реализација на Пречистителната станица за Скопје.
На средбата, исто така, беше разговарано за развојот и имплементацијата на политики во секторот за животна средина во Северна Македонија, вклучително и напредокот во усогласувањето на националното законодавство во областа животна средина со европското.
Дополнително, Министерот Нуредини ја презентираше амбицијата за НДЦ-то со која се намалуваат за 66% од емисиите во енергетскиот сектор до 2030 и напорите за диверзификација на нашите енергетски извори кон инвестирање во одржливи и обновливи енергетски системи.