Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на покана на Стопанската комора на северозападна Македонија, денеска се обрати на настанот „Тркалезна маса – дискусија меѓу бизнисмените и Владините претставници“ на која учествуваа членови на управниот одбор на комората и претставници на компаниите членки на оваа деловна асоцијација.
Тркалезната маса, на која учествуваа и првиот заменик претседател на Владата Артан Груби, заменичката претседателка задолжена за добро владеење Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, премиерот Ковачевски ја оцени како исклучително значајна и дека доаѓа во многу значаен момент.
„Дијалогот меѓу владините институции и бизнис заедницата во време на сериозна глобална економска криза е неопходно и секогаш добредојдено. Ние тој дијалог го започнавме уште на самиот почеток, не на оваа, туку со претходната Влада како суштински, а не монолог. Низ таков дијалог успеавме да излеземе како победници од корона кризата и со помош на сите ваши мислења ќе излеземе како победници и од оваа енергетска и воена криза која е предизвикана од нападот на Русија на Украина“, истакна премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски нагласи дека компаниите членки на Стопанската комора на северозападна Македонија, имаат значајно место во економскиот потенцијал и раст на нашата држава и дека тоа е видливо преку нивните перформанси во текот на периодот пред, за време и после пандемијата.
„Во време на криза компаниите на Стопанската комора на северозападна Македонија остварија приходи од над 73 милиони евра, беа вработени над 9.400 лица и се реализираа инвестиции од над 74 милиони евра што се резултати за почит. Тие трендови влијаеја и на порастот на БДП во 2021 година којшто претставува добра основа за 2022 година“, потенцираше премиерот.
Во таа насока премиерот Ковачевски посочи дека за соочување со новата криза предизвикана со војната во Украина, Владата подготви пакет од 26 мерки, вреден 400 милиони евра, односно 615 милиони евра со другите антикризни мерки од изминатиот период, што претставува висок буџетски придонес наменет за граѓаните и за стопанството.
„Најголемиот дел од мерките ги проектиравме да одат преку Развојната банка на Северна Македонија (РБРСМ) и преку комерцијалните банки бидејќи имаме здрав банкарски сектор. Преку РБРСМ ќе се поддржи ликвидноста на компаниите преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата и со финансиска поддршка преку директно кредитирање на компаниите преку оваа банка, а предвидена е и финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства. Оваа мерка ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2% – 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок“, образложи претседателот на Владата Ковачевски.
Премиерот Ковачевски информираше и за активирањето на средства за користење на Гарантниот фонд преку Развојната Банка на Северна Македонија за мали микро и средни претпријатија за гарантирање до 50% од кредитот доколку се работи за основни средства, и до 80% доколку се работи за обртни средства, а предвидени се и индивидуални гаранции до 50% во зависност од износот на кредитот.
Ковачевски дополни дека дел од поволните кредити се таргетирани за поддршка на инвестициите во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија за што веќе се завршени преговорите со Европската инвестициона банка за зелена транзиција и преку Европската банка за обнова и развој, како и со програмата на ОН за развој (УНДП), преку комерцијалните банки да бидат пласирани кредити со поволни каматни стапки за енергетска трансформација на компаниите.
„На тој начин можеме да влијаеме на долгорочната трансформација на компаниите и да можат на полесен начин да вложуваат во обновливи извори на енергија“, рече Ковачевски на тркалезната маса со Стопанската комора на северозападна Македонија.
За поддршка на овие мерки, рече Ковачевски имаме стабилен и комплетно ликвиден буџет, како и потврден кредитен рејтинг од страна на сите рејтинг агенции и меѓународните финансиски институции со кои што сме во постојана комуникација, а прибирањето на даноците е на повисоко ниво и од 2020, од 2021 година, па дури и од 2019 година која што е предкризна година.
„Во однос на комуникацијата со НБРМ, и таа се одвива на дневна основа, денарот е стабилен. Државните резерви се на највисоко ниво, а банкарскиот систем е исклучително високо капитализиран што овозможува да на долг рок ја одржиме нашата основа на финансискиот систем, а тоа е стабилен денар кој што е врзан со еврото и за тоа не постојат никакви проблеми во овој момент“, истакна Ковачевски.
Во однос на избегнувањето на ризиците од ценовни шокови и на редовното снабдување со енергенси за граѓаните и стопанството, Ковачевски потсети дека во моментот имаме најниски цени на горивата во целиот регион, најниска цена на електрична енергија, како и стабилни и одржливи цени на прехранбените производи со стабилно и редовно снабдување.
Во завршницата на своето обраќање премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата будно ги следи сите движења кои што се случуваат на светскиот пазар и на полето на безбедносната ситуација во Украина, и како земја со јасна ориентација во евроатлантските интеграции се носат одлуки за да му се помогне на украинскиот народ и држава, и што побргу да се запре војната и да се нормализираат односите во светот во интерес на сите граѓани.
Извор: Влада