Не оставаме ни педа необработено земјоделско земјиште, ставаме на располагање нови 5722 хектари земјоделско земјиште и преку одговорни мерки го зголемуваме домашното производство на стратешки култури, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на вчерашната прес-конференција. Министерот Николовски информираше дека владата на вчерашната седница даде согласност за МЗШВ да распише наменски јавен оглас за доделување на слободно земјоделско земјиште над 3 хектари.
“Преку оваа мерка ставаме на располагање нови 5.722 хектари земјоделско земјиште за обработување на стратешки култури, односно пченица, пченка, јачмен, сончоглед, рж, ориз, овест, маслодајна репка, тритикале и добиточен грашок. Со огласот опфатени се 14 региони во државата каде успеваат овие култури, односно се ставаат на располагање околу 700 целини на земјоделско земјиште над 3 хектари. Постапката за доделување ќе се врши преку електронско јавно надавање, рокот за аплицирање е 20 дена, а целокупната постапка со заокружување на јавното надавање очекуваме да трае 30 дена,“ изјави министерот Николовски.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство