spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСо антикризните мерки, сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно

Со антикризните мерки, сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно

 

Во првите 100 дена од работењето на Владата, нагласи премиерот Ковачевски на тематската седница, подготвено се соочивме и со енергетската криза и со одговорни и сеопфатни решенија обезбедивме заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза.

„Одговорно и храбро, соодветно на предизвикот, го презедовме управувањето и снабдувањето со енергенси за топловодните компании во Скопје за да обезбедиме континуирано парно греење за граѓаните. Проценетите субвенции за непречено снабдување со топлинска енергија на делови од градот Скопје се 2,9 милиони евра на месечно ниво, во периодот на грејната сезона, а месечната заштеда по домаќинство е 1.000 денари или вкупно по домаќинство 2.500 денари, само за Скопје за топлинска енергија“, истакна претседателот на Владата Ковачевски во неговото обраќање на тематската седница.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека како одговор на енергетската криза беа донесени мерки со кои беа активирани сите домашни капацитети за производство на електрична енергија.

 

„Го намаливме ДДВ-то за струја од 18% на 5%. Обезбедивме дополнителни 670 милиони денари за АД ЕСМ за производство на електрична енергија и вложување во проекти во обновливи извори на енергија“, рече Ковачевски.

Премиерот дополни дека со навремената интервенција со продлабочувањето на кризата, Владата подготви и испорача пакет антикризни мерки за дополнителна помош на граѓаните и компаниите, со фокус на поддршка за најранливите категории граѓани.

Вкупната вредност на сетот мерки за поддршка изнесува над 400 милиони евра, рече Ковачевски, а вкупното влијание на мерките е уште повисоко и достигнува речиси 615 милиони евра.

„Со овие антикризни мерки, сметките на граѓаните се помали за околу 4.000 денари месечно. Доколку не беа мерките како намалувањето на ДДВ-то од 5% на 0% на основните прехранбени продукти, граѓаните ќе мораа месечно да плаќаат по 1.500 денари плус. Доколку не беше намалувањето на ДДВ-то на енергенсите на нафтата и нафтените деривати, само по тој основ, без намалување на акцизата, секој граѓанин на просечна потрошувачка пресметано ќе плаќаше 300 денари повеќе секој месец. Притоа, овде се вклучени само директните ефекти од мерката. Дополнително, со оглед на тоа што цените на енергенсите се значаен инпут во цените на речиси сите производи, намалување на нивната цена влијае позитивно врз цената на сите производи, што значи дека зборуваме за околу 750 денари заштеда вкупно по домаќинство“, нагласи Ковачевски во своето обраќање на тематската седница 100 дена Влада.

Ковачевски како една од најефикасните мерки го издвои субвенционирањето на електричната енергија до 80%, која доколку не се направеше, сметките за струја на секое семејство ќе беа за 2.150 денари повисоки.

„За да ги ублажиме ценовните шокови најпрво ги замрзнавме цените на основните производи за исхрана, а потоа маржите. Со оваа мерка спречивме создавање наднормални профити и овозможивме ублажување на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи. Со преземените мерки ние денес имаме најниски цени на основни производи и енергенси во регионот. Максимално се грижиме за заштита на стандардот на граѓаните“, рече Ковачевски на тематската седница.

Во оваа насока, посочи Ковачевски, е и мерката со која 35.000 наши најранливи сограѓани добија ваучери за основни производи за исхрана и тоа по 1.000 ден за 3 месеци, односно вкупно 3.000 денари.

Ковачевски додаде дека на долгорочен план, енергетската криза мотивираше да се забрза енергетската трансформација која ќе обезбеди енергетска независност.

„Во време на криза, преземаме храбри чекори и инвестициски проекти кои го трансформираат енергетскиот систем и кои се насочени кон користење на обновливи извори на енергија и енергетска независност со огромни придобивки за граѓаните. Новата фотонапонска електрана „Осломеј“ ќе произведува чиста, домашна енергија и ќе придонесе кон заштита на животната средина. Со оваа електрана освен што ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина.

Ова е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка технологија во чиста технологија и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан“, нагласи Ковачевски.

Во своето експозе на тематската седница за првите 100 дена од работењето на Владата, Ковачевски нагласи дека Република Северна Македонија е дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас во Александропули во Грција за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

„Нашето вклучување во изградба на овој терминал создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа истиот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот. Понатаму, Чебрен еден монументален историски проект којшто го воделе веројатно сите Влади, за прв пат се наоѓа во втора фаза. Има девет понудувачи кои што се во тек на теренско разгледување на просторот, за рамноправно да учествуваат на тој тендер“, потенцираше Ковачевски и додаде дека во првите 100 дена од работењето Владата фокусот беше ставен на клучните прашања од интерес на граѓаните како што се економската сигурност и подобар животен стандард.

 

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...