spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаКовачевски: Владата инвестира над 250 милиони евра во општините за само 5...

Ковачевски: Владата инвестира над 250 милиони евра во општините за само 5 проекти

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски учествуваше на настан во организација на ЗЕЛС, по повод јубилејот 50 години. Во своето обраќање премиерот Ковачевски зборуваше за поддршката на Владата кон општините, за важноста од соработката на сите чинители централна, локална власт, како и за поддршката на ЕУ и САД во градењето на демократските капацитети за просперитет и економски напредок. На свечениот настан свои обраќања имаа и Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД, Штефен Худолин, шеф за соработка на Делегација ЕУ, како и претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска.

Во продолжение, обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

„Најнапред дозволете ми да го честитам јубилејот 50 години на Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС.

Ми претставува чест и задоволство што денес сме сите заедно, со цел да дадеме јасен сигнал за важноста на соработката на централната и локалната власт, на поддршката на ЕУ и САД во градењето на демократски капацитети за просперитет и економски напредок.

Владата силно го поддржува рамномерниот регионален економски развој и затоа реализираме инфраструктурни проекти за подобрување на условите за живот во општините, како и проекти кои ја зголемуваат нивната финансиска независност.

Развиени општини значат силна економија.

Во таа насока уште во 2018 година со 50 милиони евра им се помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг, со цел да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој со години се таложеше во долгови и блокирани сметки.

Сега се имплементираат трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините за финансиска независност, градење капацитети и услови за привлекување нови инвестиции за економски развој.

Со измените во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво.

За таа цел се реализира реформа за унапредување на фискалната децентрализација преку три главни столба и тоа раст на приходите на општините, отплата на долговите, како и домаќинско, транспарентно и отчетно работење.

Инфраструктурните проекти за општините се од големо значење, затоа Владата со ТАВ програмата реализира инфраструктурни проекти низ целата држава, во скоро сите општини.

Поточно, се реализираат 94 инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон потребите на граѓаните со вкупна вредност од 49,7 милиони евра.

Дел од проектите се завршени, дел се во завршна фаза и треба да бидат реализирани во 2022 година, а крајниот рок за завршување на сите проекти е 2023 година.

Тоа се реални проекти кои Владата ги реализира за секојдневните, реални потреби за граѓаните, како уредување на водоводни мрежи, речни корита, училишни згради, младински центри, патишта за поврзување, домови на култура и ред други инфраструктурни проекти поддржани и промовирани од градоначалниците на сите општини.

Владата како и до сега со буџетски средства, со поддршка на меѓународните финансиски институции, ќе спроведува проекти конкретно насочени кон развој на општините.

Пред да ги споменам инфраструктурните проекти за општините, сакам да напоменам дека Владата во консултација со сите чинители донесе пакет антикризни мерки со цел олеснување на ценовните притисоци од енергетската криза и растот на цените на храната на светските берзи. Значајни проекти се насочени токму за општински развој.

Со проектот „ЕУ за општините” со кој претседава министерот за локална самоуправа, во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра.

Голем успех во реализацијата има и Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, за над 35 општини во земјата, спроведуван од Министерството за финансии со поддршка на Светска банка со реализација на 99 проценти од планираните капитални инвестиции во 2020 година.

Во 2021 година, преку овој проект се реализираа капитални инвестиции во износ од 800 милиони денари.

Во рамки на годинашниот буџет за МСИП проектот пак, предвидена е реализација на повеќе проекти, меѓу кои и оној за подобрување на енергетската ефикасност во државата.

Со Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор се обезбедени средства во вкупна вредност од 25 милиони евра, од нив 5 милиони евра се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините.

Со средствата во оваа фаза енергетски ефикасни ќе станат 18 здравствени установи, како и објекти за кои 17 општини имаат поднесено 54 проекти.

Проектот за поврзување на локални патишта, од 70 милиони евра, Министерството за транспорт и врски започна да го реализира во 2019 година и ќе продолжи се до 2024 година.

Се реализира во 80 општини, се спроведуваат градежни активности за рехабилитација, реконструкција и надградба на локални патишта и улици со вкупна должина до 450 километри.

Уште еден крупен проект кој се реализираше изминатите десет години, во насока на подобрување на општинската инфраструктура е „Водоснабдување и одведување отпадни води“.

Со средства во вредност од 100 милиони евра поддржани се сите општини за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и пречистителни станици.

Овој проект ќе продолжи и во иднина со дополнителен фонд средства за поддршка на унапредување на локалната инфраструктура.

Навистина има уште многу вредни проекти кои се реализираат во општините, ќе има и во иднина и верувам дека заеднички со сите капацитети ќе ги искористиме механизмите кои се на располагање за подобрување на животот на граѓаните.

Владата силно поддржува реализација на трајни добра, на инфраструктурни инвестиции, кои значат развој за општините, за граѓаните, за нови инвестиции, вработувања и економски развој на целата земја.

Секоја криза претставува можност, силно верувам дека од оваа светска економска и енергетска криза ќе излеземе посилни како држава, по сплотени и ќе работиме заедно со една единствена цел за просперитет и напредок за нас и за генерациите кои доаѓаат.

Уште еднаш, на сите честитки за јубилејот!

Ви благодарам на вниманието.“

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Ѓорче Петров: 40.000 садници засадени за зелена општина

0
Општина Ѓорче Петров спроведе масовна акција за пошумување во атарот на село Кучково, со која се опфатени опожарените површини од пред неколку години....