Во првите 100 дена од работата на овој состав на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за култура продолжи континуирано да ги спроведува политиките за заштита на културното наследство, како и за одржување високо ниво на уметничките содржини на институционално и на вонинституционално ниво.
Во нормативниот дел, со денешната јавна расправа за Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, се заокружува предлог-текстот кој е усогласен со директивите на ЕУ, и продолжува во владина и собраниска процедура за негово донесување.
На барање од пошироката културна јавност, беше повлечен Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и беше формирана работна група која ќе работи на унапредување на предлог-текстот, во насока на имплементација на забелешките и создавање поволен амбиент за остварување на дејностите во културата.
За непречено постапување по препораките на УНЕСКО за зачувување на Охридскиот Регион, формиран е новиот состав на Националната комисија за УНЕСКО, како и Националниот совет за културно наследство.
Со особена грижа се поддржува меѓународното претставување на земјава преку содржините во културно-информативните центри надвор од Северна Македонија, и со присуството на големите фестивали, како што беше и последната успешна изложба на Венециското биенале на уметноста.
Во капиталните инвестиции се распределени 536 милиони денари, а се работи на изградба на нови објекти и реконструкција на стари, како што се: Турскиот театар;
Театарот и Библиотеката во Тетово; центрите за култура во Куманово и во Прилеп; реконструкцијата на покривите на МСУ и на НУБ „Св. Климент Охридски“, а во завршна фаза се и проектите за реконструкција на објектите на Музејот на Северна Македонија и на „Мала станица“.
Во овие 100 дена на Владата на Северна Македонија беа усогласени платите во културата со минималната плата, со што се доби соодветна валоризација на трудот на вработените и на уметниците. Министерството за култура и Владата се уверени дека тоа ветува врвна продукција, засилена заштита на културното наследство и високи резултати во институционализираната култура.
Извор: Влада