Министерството за образование и наука продолжува етапно да ги заокружува инвестициите во образовната инфраструктура кои се предвидени за оваа календарска година, а кои значат унапредување на условите за едукација на младите и на условите за работа на наставниот и стручниот кадар. Ова е компонента на образовниот систем на чија модернизација ќе бидеме фокусирани и во следниот период, затоа што условите во училиштата во голема мера влијаат на мотивацијата за постигнување подобри резултати.
Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на посетата на општина Липково, а по повод реконструкцијата на основното училиште „Дитурија“ која ја реализираше Министерството за образование и наука.
„Денеска ја заокруживме инвестицијата која започна некаде кон крајот на минатата година, а чини околу 10 милиони денари со кои се реконструираше фасадата, внатрешниот простор и санитарните јазли во училиштето. Се вградија квалитетни материјали на сите позиции и задоволен сум од реализираното и од тоа што 430 дечиња добиваат подобри услови за учење“, рече министерот Шаќири.
Честитајќи им на жителите на општината, тој изрази уверување дека ова нема да биде последна инвестиција во Липково, затоа што Владата и МОН постојано и подеднакво инвестираат во сите региони и општини во државата.
„Досега е направено многу во оваа општина и со тоа процесот на нејзина модернизација значително се забрза. Жителите добија поквалитетни услови за живот и за секојдневно функционирање и тоа ќе биде така и во иднина. Особено ќе се фокусираме на младите, а тоа меѓудругото значи и грижа за нивно образование преку подобри училишта и поквалитетни наставни програми и учебници“, потенцираше Шаќири.