Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес оствари координативен состанок со Џејмс Стајн, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Енид Нуњез програмски директор и Кристофер Цимер, шеф на Политичко-економската канцеларија во Амбасадата на САД во земјава, на која ги разгледаа приоритетните проекти кои можат да се реализираат со финансиски средства и инвестиции од Соединетите Американски Држави, како и можностите за проширување на развојната соработка која успешно се спроведува повеќе од две децении во соработка со УСАИД.
„Преку Агенцијата за меѓународен развој – УСАИД, досега е обезбедена многу значајна помош за развојот на претприемништвото, подобрување на конкурентноста, поефикасна работа на јавната администрација и подобрување на деловното опкружување, реформите во областа на правдата, борбата против корупцијата, односно континуирана поддршка во реализацијата на реформската агенда“, рече Маричиќ на средбата, потенцирајќи дека нашиот стратешки партнер САД, од осамостојувањето на земјата до сега, има вложено над половина милијарда американски долари развојна помош.
Џејмс Стајн ја потврди досегашната успешна соработка во реализацијата на проектите и заедно со Националниот ИПА координатор и вицепремиер за европски прашања Маричиќ истакнаа дека Стратешкиот дијалог го сметаат за важен чекор кон подигање на севкупната развојна соработка на Северна Македонија со САД на едно повисоко ниво, што сигурно ќе влијае на обемот на проектите, но и областите во кои ќе се спроведува помошта во наредниот период, што дефинитивно ќе придонесе за понатамошен развој на традиционално добрите односи меѓу САД и Северна Македонија.
„Особено е важно во иднина на јасен и ефективен начин да ги координираме сите расположливи финансиски развојни ресурси, од фондовите на ЕУ до билатералните развојни програми, со цел на најдобар и најбрз начин да ги реализираме важните и приоритетни проекти, во интерес на напредок и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани на Северна Македонија”, оцени вицепремиерот Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ, ја искористи можноста и на делегацијата на УСАИД предводена од Стајн им го честита Денот на независноста на САД, 4 јули, кој неодамна беше одбележан во резиденцијата на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава.
Извор: Влада