spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниОхрид: Отворен Почесен Конзулат на Република Србија во Охрид

Охрид: Отворен Почесен Конзулат на Република Србија во Охрид

Со пригоден настан кој се одржа во саботата (23.07.2022г.), свечено беше отворен Почесениот Конзулат на Република Србија во Охрид. На отворањето на Конзулатот свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.

„Чувствувам посебно задоволство и чест што како градоначалник на Охрид сум присутен на овој свечен настан, а како охриѓанец сум особено горд, што нашиот град добива конзуларно претставништво на уште една значајна пријателска земја, а тоа е Република Србија.

Македонскиот и Српскиот народ имаат вековна поврзаност, која е втемелена на заедничка историја и затоа отсекогаш сме биле пример за взаемна доверба и добрососедство. Тоа особено се однесува на традиционалните партнерства во сите сфери на општественото живеење.

Од денес, со отворање на почесниот конзулат на Република Србија во Охрид, создаваме нови можности за градење уште поцврсти мостови на заедништво и зближување меѓу нашите граѓани. Се надевам дека тука ќе се родат многу нови идеи и иницијативи за остварување на стратешки интереси и унапредување на економската и стопанската размена, особено во делот на туристичките дејности.

Општина Охрид отсекогаш била дел од билатералните процеси помеѓу Македонија и Србија и одржува долгогодишно пријателство. Збратимени сме со градовите Крагуевац и Инџија, а имаме потпишано протоколи за соработка со Земун, Лесковац, Александровац и градската општина Медијана од Ниш. Се надевaм дека во наредниот период ќе воспоставиме официјална соработка и со други српски центри, со кои имаме заеднички интереси.

Во мое лично име и во името на граѓаните на Охрид, упатувам срдечни честитки до почесниот конзул Михајло Филев и му посакувам многу успех во извршувањето на доверената функција. Убеден сум дека со менаџерските способности и неговиот креативен потенцијал ќе оствари конкретни резултати и достигнувања. Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да го поддржи функционирањето на ова дипломатско претставништво и да даде придонес онаму каде што е потребно. Очекувам, во иднина да ги зачестиме нашите средби и да имаме плодна соработка”, истакна градоначалникот Пецаков.

Покрај грaдоначалникот Пецаков, на свеченоста присуствуваа Министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, Вицеперемиерот на Македонската Влада задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска, Министерот за правда, Никола Тупанчески, Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, Српскиот амбасадор во нашата држава, Невена Јовановиќ, почесниот конзул во Охрид, Михајлов Филев, претставници на дипломатскиот кор и бројни гости од политичкиот и јавниот живот на двете држави.

Одлуката за отворање на свој Почесен Конзулат во Охрид, Република Србија ја донесе минатиот месец. Ова дипломатско претставништво ќе ги покрива општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа. Почесниот Конзулат е лоциран на улица „7-Ноември“ број  27 во непосредна близина на СВР Охрид.

Извор: Општина Охрид

Прочитајте

Ѓорче Петров: 40.000 садници засадени за зелена општина

0
Општина Ѓорче Петров спроведе масовна акција за пошумување во атарот на село Кучково, со која се опфатени опожарените површини од пред неколку години....