Деновиве во Охрид на плоштадот кај Долна Порта се одржа манифестацијата „Вкусете го Охрид локално“ што наликуваше на голема гостинска софра каде посетителите вкусуваа охридски специјалитети приготвени на традиционален начин.
На случувањето присутните се запознаа со локалните производители на традиционална храна и имаа можност да вкусат домашни месни производи, комат, ѓомлезе, леб под сач, џемови и слатка. Беа понудени и органски производи, различни видови макала, намази, домашно вино и ракија. Покрај храната и пијалаците произведени од познати охридски фамилии свои производи имаа изложено и гостите од Демир Хисар, Тетово, Демир Капија и Кавадарци.
Слоу фуд приврзаниците кои се членови на конвивиумот Слоу Фуд-Охрид преку своите уникатни приказни полни со искрена љубов кон трдицијата и локалниот идентитет ги освоија срцата на посетителите.
Кратката многу позната изрека “Ние сме тоа што јадеме” на филозофот Ludwig Feurbach кој живеел во деветнаесетиот век, во целост го означува односoт помеѓу храната и традиционалните вредности и одлики на еден народ. Стратегијата на Slow food движењето не е само носталгичен назаден поглед на светот со изгубени моменти на задоволство. Ова еко-гастрономско движење негува специфична филозофија на бавно уживање во храната, но исто така и задржување на традицијата во исхраната со негување на еколошката свест.
Тоа подразбира исклучителна грижа околу начинот на производство на храната и нејзиното потекло. Бавната храна покрај тоа што треба да биде со добар вкус, неминовно е да биде произведена на таков начин што нема да ја загадува животната средина и да му штети на здравјето на луѓето.
Настанот „Вкусете го Охрид, локално“ е организиран од движењето „Слоу Фуд“ Охрид со поддршка на Општина Охрид и „Слоу Фуд Македонија“.
Извор: Општина Охрид