Екипите на јавните претпријатија на Градот Скопје изминатиов период работат на изградба на нова парковска површина во населбата Ченто, во општина Гази Баба, кај каналот на улицата Јужноморавски бригади.
Станува збор за нов парк што се простира на површина од 5.000 квадратни метри. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ претходно целосно го расчистија просторот, поставија нов систем за полевање, а во наредниот период ќе се формира и тревна површина. Новиот парк ќе биде збогатен и со два нови видиковци изработени од дрво.
Екипите на ЈП „Улици и патишта“ во моментов на терен ги изведуваат пешачките и пристапните патеки во паркот. Новиот парк ќе има една главна пешачка патека во должина од 100 метри и широчина од 2,70 метри, или со вкупна површина од 350 квадратни метри. Дополнително, во новиот парк ќе се изградат и две помали пристапни патеки, кои ќе водат до новите видиковци, кои ќе бидат во должина од по 20 метри и со широчина од 1,50 метри. Покрај патеките на повеќе локации се планира и поставување на клупи и друг вид на урбана опрема.
Со сите содржини новиот парк во Ченто ќе биде вистинско место за рекреација и пријатен престој на отворено за посетителите од сите генерации.
Извор: Град Скопје