На 07.09.2022 година Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оствари средба со делегација на Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово (поранешна Агенција за борба против корупцијата), предводена од директорот на Агенцијата Јил Булешкај.
Средбата се одржа на иницијатива на директоrот на Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово г-дин Булешкај, а врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу ДКСК и Агенција за борба против корупцијата на Косово во јули 2019 година.
Целта на оваа средба беше реактивирање на веќе воспоставената соработка помеѓу двете институции како и размена на искуства во областа на антикорупциската проверка на легислативата како нова надлежност на Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово, воспоставена со новиот Закон за спречување на корупцијата, донесен во 2021 година.
Директорот на Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово најпрво се заблагодари за брзиот одговор на барањето за средба, по што ги претстави надлежностите на Агенцијата, особено новите надлежности кои произлегуваат од новиот Закон за спречување на корупцијата од 2021 година. Тој особено се задржа на надлежноста на Агенцијата за вршење на антикорупциска проверка на легислативата и ја истакна важноста од соработка со ДКСК, како институција од земјите во регионот кои од неодамна ја спроведуваат оваа надлежност.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, покрај претставувањето на надлежностите и поставеноста на ДКСК во македонскиот систем, ги пренесе искуствата на ДКСК во областа на антикорупциската проверка на легислативата, која е една од позначајните превентивни антикорупцски алатки. Таа истакна дека како релативно нова надлежност за ДКСК, антикорупциската проверка на легислативата носи сериозни предизвици и дека ДКСК вложи сериозни напори во развивањето на институционалните капацитети, но и во донесување и спроведување на Методологија за антикорупциска проверка на легислативата.
На крајот, беше изразено обострано задоволство од остварената средба, како и подготвеноста за соработка во иднина, особено во размената на искуства на двете земји во областа на антикорупциската проверка на легислативата, но и во другите области за кои во иднина ќе се укаже потреба.
Со оглед дека Меморандумот за соработка беше потпишан од веќе поранешната Агенција за борба против корупцијата, претставниците на двете делегации изразија подготвеност за потпишување на нов меморандум за соработка, со кој дополнително ќе се продлабочи соработката меѓу двете институции.