Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска на Пониква ја прими наградата Европски зелен појас, со која Кочани е прогласена за пример-општина со извонредна посветеност во зачувувањето на природата и биолошката разновидност.
Наградата му ја врачи германската амбасадорка Анке Холштајн, која истакна дека одборот на Европскиот зелен појас, од апликации од сите земји коишто го сочинуваат Балканскиот зелен појас, ѝ ја додели на Општина Кочани, за преземаните активности за зачувување на природата и за одржлив развој.
Доделувањето на наградата Европски зелен појас, преку видеообраќање го поздрави претседателот на Европскиот зелен појас, Габриел Швадерер, кој истакна дека Општина Кочани е многу богата како со природа, така и со добри луѓе, а е пример за општина која се грижи за зачувување на природата, одржлив развој и прекугранична соработка. Осогово пак, како планина која е дел од Европскиот зелен појас, може да се пофали со извонредни пејзажи и хармонија меѓу природата и луѓето. Швадерер посочи дека иницијативата има улога и во европските интеграции.
– Процесот за прогласување на дел од Осогово за заштитено подрачје ни помогна со научни истражувања да дознаеме и да се увериме колку многу природни вредности, реткости и убавини има во себе. Сработивме многу, но претстои уште многу работа за развој на руралниот и на велосипедскиот туризам, изградба на планинарски дом и на едукативен центар. Натамошното управување и развојот на заштитеното подрачје зависи од сите нас и од јавната свест за одржливо користење на ресурсите – истакна Илијев забрагодарувајќи се за наградата.
Европскиот зелен појас ги симболизира глобалните напори за заеднички прекугранични активности за зачувување на природата и за одржлив развој. Иницијативата има за цел подобро усогласување на човековите активности со природната средина и зголемување на можностите за социо-економски развој на локалните заедници.
Настанот е дел од Програмата за зачувување на природата во С. Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, имплементиран од Фармахем и Македонското еколошко друштво.
Извор: Општина Кочани