Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на 77-то Генерално Собрание на ООН во Њујорк, учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на САД-Јадранската Повелба (А5), во организација на Црна Гора, како актуелен претседавач со Повелбата.
На состанокот стана збор за регионалните состојби, актуелната безбедносна ситуација во глобални рамки, како и новите предизвиците и безбедносни импликации од руската воена инвазија во Украина.
Во своето излагање министерот Османи истакна дека Северна Македонија го презема претседавањето со А5 идната година, кога се одбележува и 20 годишнината од основањето на регионалната организација. Воедно, ги поздрави постигнувањата на Повелбата рефлектирани во успешното исполнување на стандардите и критериумите и соодветно зачленување на четири земји од А5 во НАТО Алијансата. Дополнително ја нагласи важноста и од забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од регионот, како особено значајна инвестиција во целокупната регионална и европска безбедност.
“Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија ја нагласи важноста на политиката на проширување како еден од најуспешните проекти за зајакнување на европското единство и консолидирање на безбедносните и демократските принципи и вредности. Новото поглавје во односите со ЕУ претставува охрабрувачка порака за евроинтегративните процеси на останатите земји од Западен Балкан, што е особено значајно во контекст на новата геополитичка реалност.” – подвлече Османи.
Воедно, Османи ја поздрави силната поддршка на САД за активностите на Повелбата, изразувајќи благодарност за континуираниот американски ангажман за зачувување на регионалната стабилност и евро-атлантската перспектива на земјите од Западен Балкан.