Во Брисел, со презентациите на Европската комисија за поглавјето 28 – Заштита на потрошувачите и јавното здравје, го завршивме објаснувачкиот скрининг за Кластер 2 – Внатрешен пазар.
Заштитата на потрошувачите и јавното здравје претставува едно од најсложените и најпредизвикувачките прашања во процесот на интеграција.
Заменик-главниот преговарач за Северна Македонија со Европската Унија, г-ѓа Дрита Абдиу-Халили, подвлече дека во изминатите години Северна Македонија реализираше бројни промени во националното законодавство и новитети во институционалната организација врз основа на препораките на експерти од одредени области.
Во оваа насока, може да ги наброиме неколку од нив:
– Новиот закон за заштита на потрошувачите е усвоен од Владата и сега е во собраниска процедура. Овој закон ги содржи новите директиви на ЕУ од 2019 година.
– Владата го формираше Советот за заштита на потрошувачите составен од членови на органите на државната управа, чии компетенции се поврзани со заштитата на потрошувачите, здравјето на потрошувачите и претставник од стопанските комори.
Во последните три години, системот на јавното здравство се соочи со последиците од кризата предизвикана од пандемијата на Ковид 19. Кризата докажа колку е важно јавното здравје. Минатата година Владата ја усвои Здравствената стратегија за 2021-2030 година, која содржи насоки за развој на здравствениот систем за во иднина, како и подобрувањето на здравствената состојба на населението.
– Центарот за епидемиолошки мониторинг и управување со здравствени кризи е создаден врз основа на системот за континуирано предупредување на епидемиолошки информации и работи 24/7.
-Во овие исклучително тешки услови на посебен режим за здравствените установи заради пандемијата на Ковид 19, направен е голем чекор во полето на трансплантацијата, каде за прв пат беше извршена трансплантација на срце. Покрај тоа, почнаа да се спроведуваат планови за трансплантација на повеќе органи.
Од друга страна, претставниците на Европската комисија ги презентираа новите пакети директиви и регулативи на Европската Унија кои се поврзани со заштитата на потрошувачите, здравствената заштита, заразните болести, прекуграничните здравствени ризици, како и јавните и еколошките детерминанти на здравјето.