Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вчера ја одржа конститутивната седница на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ), за координација на подготовката за пристапните преговори, пред почетокот на билатералниот скрининг.
– Сметам дека не е потребно да нагласувам колку е важно да се претставиме во најдобро можно светло на билатералните состаноци, затоа што од тоа ќе зависи и оценката на Европската Комисија во извештаите за билатералните скрининзи и препораките за дефинирање на одредници за отворање на кластерите, рече на состанокот вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
Ова тело, како дел од преговарачката структура се грижи за квалитет и навременост на подготовките за преговори. Препознавајќи ја важноста и комплексноста на пристапните преговори, Секретаријатот за европски прашања на чело со вицепремиерот Маричиќ, фокус дава на координирано дејствување во текот на пристапните преговори со цел да се избегне евентуална нефункционалност на системот.
– По одржувањето на првата Меѓувладина конференција и отворањето на пристапните преговори не смеат да се случат погрешни или непрецизни политички одлуки, заради слаба или неквалитетна подготовка, бидејќи одлуките се неповратни и остануваат трајно запишани како наши преговарачки позиции, напомена Маричиќ на седницата на РКЕИ.
Главниот преговарач со ЕУ и претседател на Работниот комитет за европска интеграција на седницата укажа и на важноста навремено да се реализираат сите обврски преземени со заклучоците кои се усогласуваат со Европската комисија за време на состаноците на поткомитетите и Специјалната група за реформа на јавната администрација.
За да се овозможи следење на реализацијата на овие обврски, Маричиќ најави дека СЕП ќе подготви соодветна матрица во која ќе бидат внесени сите обврски, надлежни институции и рокови за постапување.
– Како што е познато Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува на сила се до членството на Северна Македонија во Европската Унија и нејзиното спроведување се следи преку соодветните поткомитети и Специјалната група за реформа на јавната администрација. Важноста на спроведувањето на ССА е уште поголема во контекст на пристапните преговори, особено затоа што согласно Преговарачката рамка напредокот во преговорите ќе се мери и според исполнувањето на обврските од ССА, посочи Маричиќ.
Работниот комитет за европска интеграција е тело кое повеќе од две децении е дел од координативниот механизам на Северна Македонија со Европската Унија, сега со една нова дополнителна функција, со оглед на отпочнувањето на процесот на пристапни преговори за членство во Европската Унија.
Во него членуваат државните секретари на министерствата и Групата за преговори, чие формирање е во процес, а на денешната седница беше усвоен и Деловникот за работа, според кој ова тело секој последен петок во месецот ќе се состанува, а по потреба и почесто.
Овој состав на РКЕИ се формира согласно новата Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, а надлежностите се дефинирани во членот 8 од Одлуката.
Извор: Влада