spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Одговорно менаџираме со јавните пари, заштедивме на камати, парите ги насочуваме...

МФ: Одговорно менаџираме со јавните пари, заштедивме на камати, парите ги насочуваме кон населението и бизнисот

Менаџирањето со јавните пари во криза е тешко, но важно е истото да се прави одговорно, односно да се најде начин да се финансира дефицитот и тој да се чува на одржливо ниво, а со тоа да се внимава и на висината на јавниот долг. Во таа насока е и одлуката да не се издаде еврообврзница оваа година, туку да се задолжиме кај меѓународните финансиски институции со двојно пониски каматни стапки и да се направат сериозни заштеди по основ на камати за следните години.

 

Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, кој денеска се обрати на панел-дискусијата на тема „Инвестиции во Западен Балкан и одржлив модел на раст“ на Годишниот самит на „Економист“ што се одржа во Приштина, Република Косово.

Тој посочи дека секогаш е важно како се трошат парите од новите задолжувања и кон кого се насочени истите. „Донесовме два пакета антикризни мерки со вкупен износ од над 750 милиони евра коишто ги насочивме кон поддршка на населението, особено ранливите категории и бизнис-секторот“, рече Николоски.

Тој додаде дека РС Македонија паралелно работи и на преземање мерки за справување со кризата и поддршка на економијата, но и за фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

„За фискална консолидација и за ефикасно и одржливо намалување на фискалниот дефицит потребна е комбинација од мерки и на приходната и на расходната страна на Буџетот. Донесен е План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст којшто се заснова на фискална консолидација преку мерки за рационализација на одредени расходи и мерки за поефикасна наплата на приходите, конзистентност на политиките во процесот на буџетското планирање, преку поврзаност на буџетското планирање со програмата на Владата и економските реформи, како и мерење на успешноста во реализацијата на политиките во Буџетот“, рече заменик-министерот.

Тој потенцира дека економските политики и мерки преточени во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, заедно со мерките и политиките во Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст се основа за зголемување на потенцијалот за раст и остварување повисоки стапки на раст на среден рок, односно двојно зголемување на економскиот раст во однос на оној што беше остварен изминатата деценија.

Значајно во остварувањето на тие политики и мерки е поддршката од меѓународните финансиски институции. Со Планот за забрзан раст се планирани инвестиции од над 4 милијарди евра во следните пет години, и тоа во инфраструктурни проекти, обновливи извори на енергија, надополнети со инвестиции од приватниот сектор што ќе придонесе за поттикнување на растот на економијата на ниво од 5 %.

Николоски на панел-дискусијата истакна и дека зацртаните приоритети пред Владата се поистоветуваат и со ЕУ агендата и со реформите што ги презема земјата на патот до целосна евроинтеграција. Тој процес, како што рече, добива забрзана динамика со отворање на преговорите за членство во ЕУ.

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...