Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска имаше поздравно обраќање на инаугуративниот „Охридски самит за сина економија“ што денес и утре се одржува во Охрид.
– Сината економија е значаен дел од Европскиот зелен договор за кој сме се определиле како држава. Сината економија значи примена на Зелената економија во секторот води. Со овој концепт водата ја перцепираме како економски ресурс, но и како живеалиште на различни растителни и животински видови што се неопходни за опстанокот на Планетата. Со примена на концептот „сина економија“ во управувањето со водите обезбедуваме нивна заштита, одржливо управување и развој, но и економски раст и отварање на нови зелени места – истакна Оџаклиеска.
Таа, исто така додаде дека – РС Македонија е држава со четири прекугранични сливни области Вардар, Црн Дрим, Струмица и Јужна Морава и затоа прекуграничната соработка во областа на водите е концепт кој е многу важен за нашата држава и на кој во иднина, мораме поблиску да соработуваме со земјите во регионот, бидејќи ние ја гледаме сината економија како извонредна но недоволно искористена можност за стабилен економски раст и одржлив развој на нашата држава.
Самитот е фокусиран на Охридското Езеро и пошироката област на реката Дрим и е одлична можност да се разменат мислења, искуства и перспективи за примена на концептот сина економија земајќи ги предвид специфичните можности и предизвици за обезбедување одржливост на овој регион.
Според Извештајот за сина економија на ЕУ за 2022 година, сината економија генерира околу 750 милијарди евра и создава 5,4 милиони работни места годишно.
Самитот е кофинансиран во рамките на Фондот за соработка на ЦЕИ (Централно Европска Иницијатива) и е организиран од ЦЕИ во партнерство со Институтот „Prime Blue Institute “ од Охрид и Prime Point Partners.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање