„Со задоволство можам да констатирам дека за 20 години е постигнат извонреден напредок во капацитетот, во професионалноста и во независноста на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која со поддршка од Владата успеа да се изгради во професионална институција, која од ден на ден сè повеќе ги развива своите капацитети – просторни, човечки, технички, со цел да обезбеди ефикасност во нејзиното работење“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, по повод дваесет годишнината од формирањето на ДКСК.
„Сите сме сведоци дека во периодот од две децении, Државната комисија за спречување на корупцијата имаше подеми и падови. Почна храбро и непоколебливо, но низ годините имаше периоди кога на работата на оваа институција не гледавме баш со голема гордост и почит. Веројатно овие подеми и падови се нормален процес во созревањето на една институција и верувам дека во годините што доаѓаат ефикасноста, независноста и професионалноста на Антикорупциската комисија ќе одат само напред“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа истакна дека со измената на законската регулатива и со новиот начин на избор на членовите, начинот на функционирање и поголемите надлежности на ДКСК, значењето на Комисијата е подигнато на највисоко ниво. Со поддршка на Владата буџетот за само пет години, и тоа во услови на криза, е речиси за двојно зголемен, обезбедени се соодветни просторни услови, значајно е зголемен човечкиот потенцијал на институцијата и што е најважно обезбедена е професионалност и независност на институцијата.
„Сепак, со жалење морам да констатирам дека корупцијата и понатаму е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува нашата држава. И покрај забалежаниот напредок на Северна Македонија во борбата против корупцијата за 24 места погоре регистриран од Транспаренси интернешнл, тоа не е доволно. Мора да обезбедиме поефикасен пристап во справувањето со корупцијата. Денеска е вистинскиот момент да се запрашаме што треба да промениме во пристапот, каде грешиме, во кој дел можеме да бидеме поефикасни, кои се нашите приоритети. И самиот податок што денеска овој јубилеј го прославуваме во овој објект на Музејот на македонската борба, кој е дел од еден од најсомнителните проекти од аспект на корупција и несовесно работење, е потврда дека со тек на времето како да се помируваме и како да го прифаќаме она што не смее во ниту еден случај да биде прифатено“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа ги охрабри членовите на ДКСК дека треба да бидат упорни и истрајни и да не потклекнуваат на евентуалните предизвици со кои се соочуваат во текот на своето работење во справувањето со корупцијата се невозможни резултати преку ноќ, туку чекор по чекор.
„Ја имате поддршката од Владата, но што е уште поважно ја имате поддршката од граѓаните, кои веќе немаат толеранција за ниту едно коруптивно постапување. Граѓаните бараат брза и ефикасна реакција и што е најважно бараат резултати“, нагласи Грковска.
Извор: Влада