Министри и заменици министри од регионот, задолжени за реформи во јавната администрација во ReSPA: Александар Бајдевски–заменик министер за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија, Милва Економи – државен министер за стандарди на услугите на Република Албанија, Јосип Грубеша-министер за правда на Босна и Херцеговина и Мараш Дукај-министер за јавна администрација на Црна Гора, како и високи претставници на Европската комисија и членови на Управниот одбор на ReSPA, учествуваа на 14-от состанок на Управниот одбор на министерско ниво.
Со спроведување на 62 активности за градење на капацитети за 1346 државни службеници од целиот регион, пет регионални компаративни истражувачки проекти и 21 директна акција за поддршка на своите членки, ReSPA продолжи да ја зајакнува регионалната соработка помеѓу актерите на РЈА, промовира колективно учење и трансфер на знаење и го олеснува остварувањето на аспирациите за европска интеграција на членките преку одржување и поддршка на европските принципи за јавна администрација.
„Оваа година е означена како една од клучните во понатамошната стратешка ориентација на ReSPA. Министрите од членките на ReSPA целосно го поддржаа ReSPA Договорот и мандатот до 2031 година, додека Европската комисија покажа целосна посветеност и поддршка во рамките на претстојниот 5-ти акционен грант на ЕК 2023-2025 година. Денеска исто така се договоривме за содржината на ревидираната стратегија ReSPA 2019-2024. Овие резултати не би можеле да се постигнат без силната поддршка и големата соработка на владините претставници вклучени во раководните структури на ReSPA, работните групи, офицерите за врски, претставниците на ЕУ, бројните експерти ангажирани во различни области, како и исклучителниот тим на ReSPA. “, истакна меѓу другото Маја Ханџиска-Трендафилова, директор на ReSPA.
Традиционално, овој состанок служи за членовите на ReSPA да го предадат и преземат годишното претседавање со ReSPA.
Министерката Милва Економи, претседател на Управниот одбор, му го предаде претседавањето со ReSPA на министерот Јосип Грубеша, со што Босна и Херцеговина стана актуелен претседавач со Регионалната школа за јавна администрација.
На отворената сесија на состанокот се дискутираше за важноста на стратешко трансформирање на човечките ресурси да бидат модерни и привлечни за државните службеници, додека ReSPA ги презентираше резултатите од пилот-анкетите за задоволството на персоналот. Тоа беше, исто така, можност за неформална дискусија на министерско ниво за основната тема за најдобрите практики за управување со човечки ресурси во јавната администрација.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација