На меѓународниот „РЕДИ самит“, кој, во организација на Здружението „Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ“, беше отворен вчера , јавните институции, невладините организации, европските и меѓународните институции, социјалните иноватори и претприемачите, дискутираат околу развојот на Ромите во Агендата за зелена и дигитална трансформација на Европската Унија.
Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање, Христина Оџаклиеска имаше воведно обраќање на панел дискусијата поврзана со темата за собирање и транспорт на отпад во Северна Македонија: социо-економско вклучување на неформалните собирачи на отпад во Северна Македонија.
– Министерството за животна средина и просторно планирање е свесно за огромните проблеми во сферата на управувањето отпад. Но, потребна е цврста, а не само декларативна определба на сите органи и инволвирани субјекти за подобрување на состојбата, како и мултисекторски пристап. Свесни сме дека неформалните собирачи имаат голем придонес во рециклирањето на отпадот, но бидејќи, освен од надземните контејнери за мешовит отпад, тие го собираат отпадот и од подземните контејнери и од депониите, тоа претставува голем ризик по нивното здравје – истакна заменик министерката Оџаклиеска додавајќи дека за подобрување и за регулирање на начинот на постапување, односно собирање на отпадот, потребни се измени на повеќе прописи.
Системот за селекција на отпад во нашата земја во голем дел е управуван од неформалниот сектор и е во доменот на сивата економија. Ова значи дека неформалните собирачи се и најефективни, кога општините не можат да го управуваат системо и се проценува дека во тој процес, на национално ниво, се вклучени околу 5.000 луѓе. Оттука идејата на РЕДИ за формирање на едно вакво социјално претпријатие дава можност неформалните собирачи да се организираат, да се стават во формалниот систем за отпад, да добијат пристојна работа, да се обезбедат потребните документи, но и да го заштитат своето здравје.
– Очекувам дека развивањето на социјалните претпријатија во делот на управувањето со отпадот ќе ги намали трошоците при примена на одржливи начини за управување на отпадот, дека ќе може да се утврди одржлив начин на функционирање на неформалните собирачи и влијанието што го имаат, и на крај, вклучување на оваа група граѓани во системот за управување отпад, што би влијаело на подобрување на материјалната и на социјалната положба на оваа ранлива категорија граѓани и на подобрување на состојбата на животната средина. И на само ова, туку повеќе собран отпад значи повеќе ресурси во преработувачката индустрија во земјата и развивање на циркуларната економија – рече Оџаклиеска.
На самитот се дискутираше и на тема: „Зелената агенда во Западен Балкан: Можност или закана за бизнисите и генерациското вработување во загрозените заедници“, како и за „Порастот на енергетските цени: Дали обновливата енергија е решение за загрозените потрошувачи?“.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање