Во насока на добро стратешко планирање и подобрено практично знаење за идентификување на ефективни одржливи решенија, следејќи ги целите за одржлив развој, Општина Битола активно е вклучена во активностите кои се дел од проектот „Регионално учење за имплементација на Агенда 2030 во Југоисточна Европа“. Проектот го имплементира Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС во соработка со NALAS, Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа, а поддржан од GIZ, Германското друштво за меѓународна соработка. Како дел од овие активности во Битола се одржува обука на тема: „Локализирање на целите за одржлив развој“. На обуката учествуваат претставници од сите одделенија кои изготвуваат програми и се вклучени во стратешкото планирање на општината.
„Ме радува што после квалитетно изработената апликација, денес ја имаме оваа обука којашто е во функција на јакнење на капацитетите и на административните службеници во локалната самоуправа и на советниците и на невладиниот сектор, кои што треба на некој начин, преку јакнење на тие капацитети да се вклопат во следните чекори коишто ќе ги има локалната самоуправа, а којшто се однесуваат на носење на програмите на локално ниво, кои советниците ги гласаат, а ги изготвуваат административните службеници, во кои свој удел има и невладиниот сектор, а се програми кои претставуваат постигнување, насока во постигнување на целите кои се дефинирани со Агенда 2030 на Обединетите нации и се однесуваат на локалниот, економскиот, социјалниот развој на граѓаните и секако дека истото е поврзано меѓудругото и со водењето на локалните политики. Општина Битола во буџетот за оваа година издвои средства за изработка на стратегија за развој 2021-2025, каде што исто така треба да бидат имплементирани и целите кои се дефинирани од Обединетите нации“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Во оваа фаза ЗЕЛС организира обуки во четирите најдобри општини при аплицирањето, меѓу кои се наоѓа и Општина Битола.
„Агенда 2030, како документ којшто е усвоен од Обединетите нации и содржи 17 цели за одржлив развој и истите ги имплементираат и државите во развој и високоразвиените држави, таа е еден вид патоказ за сите држави и се фокусира на три области: економскиот развој, социјалниот развој и заштита на животната средина. Очекуваме дека денешната работилница ќе придонесе да се зајакнат капацитетите на општината, со цел да се прилагодат сите овие цели во рамки на надлежностите на локалната самоуправа“, изјави Благородна Шопова, претставник на ЗЕЛС.
Станува збор за 17 цели од сите сфери на општественото живеење, кои понатаму Општина Битола ќе ги имплементира во своето стратешко планирање и делување.
„Целите за одржлив развој се патоказ за подобар свет. Донесени во 2015, имаме уште 10 години да ги исполиме. Неможеме да направиме таква голема промена сами. Екстремната сиромаштија, нееднаквоста, климатските промени, не се нешто што може еден сектор да ги реши. Ниту институциите, ниту бизнисите, ниту граѓанските организации, ниту медиумите. Мораме да работиме заеднички за да постигнеме реални промени. Забележавме дека на локално ниво дури 83% од општините, всушност немаат доволно знаења од оваа агенда и како може да си ја користат во работењето. Општина Битола е една од четирите општини која што беше избрана и дава денеска почитување на оваа агенда и сака да ја спои со своите стратешки планови за да се направат вистински исчекори во наредните 10 години“, изјави Виктор Мирчевски, програмски раководител на КОНЕКТ, организација која работи на меѓусекторски партнерства со фокус на филантропијата и општествената одговорност.
Денешната обука е организирана од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС во соработка со Општина Битола и партнерство со НВО Конект.
Извор: Општина Битола