Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки имаше состанок со Регионалната директорка на Канцеларијата за координација на развојните агенции на Обединети Нации за Европа и Централна Азија со седиште во Истанбул , г-ѓа Гви Јеоп Сон.
“Заедничката работа меѓу агенциите на ОН и Владата на Република Северна Македонија предвидена за 2023 година очекуваме да резултира во натамошно развивање на Национална стратегија за развој која е основата за долгорочната развојна визија на земјата”, истакна Исаки.
На средбата беа разменети мислења за досегашната соработка со Канцеларијата на резидентната координаторка и севкупниот тим на Обединетите Нации во Северна Македонија, особено истакнувајќи ги тековните активности за забрзување и достигнување на целите за одржлив развој и Агендата 2030 како приоритетни.
На таа линија, беше изразено заедничко задоволство за скоро усвоениот Заеднички работен план за 2023 – годишна алатка која ја операционализира Рамката за соработка за одржлив развој на Република Северна Македонија и Обединетите нации 2021-2025 (РСОР) како клучен стратешки документ според кој се води работата на ентитетите на системот за развој на ОН во Северна Македонија.