Новиот план на ЕУ за приближување и економска поддршка на земјите од Западен Балкан ќе значи дополнителни ЕУ фондови за развојни проекти и инфраструктура, додека за нашите компании ќе значи слободен пристап до пазар од половина милијарда потрошувачи. Оваа иницијатива, заедно со националниот План за забрзување на економскиот раст, ќе влијаат на растот на инвестициската активност и конкурентноста, а со тоа и на забрзување на економскиот раст, порачува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Согласно најавата на претседателката на Европската комисија, новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан се базира на четири столба: 1) Приближување до единствениот пазар на ЕУ, 2) Регионална економска интеграција, 3) Забрзување на фундаменталните реформи и 4) Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови.
„Земјите од Западен Балкан ќе имаат можност многу порано да ги почуствуваат бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата – заедничкиот пазар. Најверојатно, најавениот пристап ќе се однесува на еден негов поголем сегмент, односно дигиталниот единствен пазар, кој вклучува области како е-трговија, кибер-безбедност и олеснување на платежните услуги и трговија со стоки. Заедничкиот регионален пазар може да помогне во забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ, но исто така, регионалната економска интеграција е суштинска за отклучување на огромниот економски потенцијал во регионот и го прави истиот поатрактивен за странските инвеститори. Ист е случајот и со претпристапните реформи, бидејќи владеењето на правото и ефикасното и кредибилно правосудство се позитивен сигнал за странските инвеститори, додека зелената транзиција и обезбедувањето на енергетска одржливост се клучни за стабилност и одржлив раст. Ургентно е потребен раст на инвестициите во регионот, кој ќе го подигне стандардот на живеење и ќе помогне во приближувањето до ЕУ“, пишува Бесими.
Министерот наведува и дека во иста насока е и националниот План за забрзување на економскиот раст, кој се темели на истите премиси и ја има истата цел.
„Ако ја анализираме структурата на планот на ЕУ, таа е насочена кон економско зајакнување и поврзување на регионот, подобрување на конкуретноста на економиите и зголемување на инвестициите. Доколку се разгледа националниот План за забрзување на растот, може да се заклучи дека голем дел од структурата е иста, како и целите. Преку имплементацијата на двата плана, поддршката на Европската Унија и јасната перспектива за крајната цел, „носењето на Европа дома“, односно обезбедувањето на благосостојба за граѓаните нема да изостане“, истакнува Бесими.
Извор: Министерство за финансии