Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу учествуваше на годишната конференција организирана од Стопанската комора на северо-западна Македонија: „Предизвикот на компаниите од РСМ во обезбедувањето на работната сила во период на глобализација и дигитализација“.
Министерот Алиу говореше на панел дискусија на која беа опфатени теми поврзани со процесите на дигитализација на институциите, прилагодувањето кон светските трендови и фокусирање кон иднината.
Во таа насока, министерот меѓу другото се осврна на активностите на МИОА поврзани со процесот на дигитализација како врвен приоритет и испорачувањето на квалитетни е-услуги за граѓаните.
“Дигитализацијата претставува сегашност и иднина, во контекст на реформите и напредокот на Северна Македонија. Дигиталната трансформација, која радикално ги менува односите на државата со граѓаните и бизнисите, поставувајќи ги темелите на безбеден антикорупциски систем во понудените услуги, е наш приоритет како Влада.
Преку дигитализација и соработка на јавни и приватни институции, можеме да собираме и анализираме големи количини на податоци поврзани со динамиката на пазарот на трудот, барањата за вештини и трендовите во индустријата. Овој пристап базиран на податоци ни помага во идентификација на работните сектори во развој, да предвидиме недостаток на вештини и да ги усогласиме програмите за образование и обука со глобалните трендови.
Дигитализацијата е единствениот начин за подобрување на животот на граѓаните, бизнисите и зајакнување на економијата на земјата. Затоа, наш приоритет како Министерство е да обезбедиме што е можно повеќе дигитални услуги за граѓаните и бизнисите”, рече министерот Алиу.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација