Новосоздадени претпријатија во 2021 година
Во 2021 година биле регистрирани 5 960 новосоздадени претпријатија, што претставува 9.1 % од вкупно активните пазарно ориентирани претпријатија, чија главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД, рев. 2., припаѓа во секторите на дејности од Б до О1) . Во однос на 2020 година, забележано е зголемување на бројот на новосоздадените претпријатија за 15.9% %, и тоа најмногу во секторите Трговија, Градежништво, Транспорт и складирање, Информации и комуникации, Преработувачка индустрија, како и Објекти за сместување и исхрана.
Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (76.4 %) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1 782), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (669) и Стручни, научни и технички дејности (623). 12.5 % од новосоздадените претпријатија припаѓаат на секторот Индустрија, а на секторот Градежништво 11.1 %.
Новосоздадените претпријатија вработиле 11 991 лице, што претставува зголемување за 21.5 % во однос на претходната година. Без вработени биле 16.8 % од новосоздадените претпријатија, 77.6 % вработиле 1-4 лица, додека 3.6 % вработиле од 5 до 9 лица.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (85.4 %).
Згаснати претпријатија во 2020 година, претходни податоци
Од вкупниот број активни претпријатија, во 2020 година згаснале 8.2 %, односно 5 382.
Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (30.8 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата (75.5 %) се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Згаснати претпријатија во 2019 година, дефинитивни податоци
Од вкупниот број активни претпријатија, во 2019 година згаснале 8.4 %, односно 5 544.
Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (35.5 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма дури 76.6 % се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.
Преземи го соопштението во целост
Податоците во објавеното соопштение се бесплатни. При користење, ве молиме наведете го изворот.
За подетални информации јавете на:
контакт тел: +389 2 3295 666
е-пошта: press@stat.gov.mk.
Извор: Државен завод за статистика