Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски во Ниш, Република Србија, учествуваше на Вториот состанок на Управниот комитет на проектот “Развој на капацитетите на ветеринарните и фитосанитарните служби на Западен Балкан” и на четвртиот состанок на Форумот на директори на ветеринарните служби од Западен Балкан. Во обраќањето на Форумот тој истакна дека Агенцијата за храна и ветеринарство како орган надлежен за креирање на политиките од областа на здравствената заштита на животните и безбедноста на храната како и за нивно имплементирање, следејќи ги регионалните, европските и глобалните трендови, своето работење го заснова на неколку национални приоритети.
-Во моментов, актуелна е состојбата со контрола на болеста африканска чума кај свињите. Акцентот е ставен на ангажирање на ресурси за намалување на ризикот од нејзино понатамошно ширење кај популацијата домашни и диви свињи, со посебен акцент на засилување на биосигурносните мерки на ловиштата и подобрување на соработката со сите засегнати институции и органи. Сконцентрирани сме на подготовка на нова подобрена програма за надзор на оваа болест базирана на пасивен надзор, со добро утврдени цели и целни групи, со цел обезбедување на нејзино рано откривање и спречување на ширењето – рече Бабовски.
Со оглед на фактот дека болеста авијарна инфлуенса кај живината (високо и ниско патогени соеви) се потврдени во поголем број европски земји, но и во регионот, истакна тој, заради одржување на целосна подготвеност за справување и со оваа болест, АХВ почна со ажурирање на Планот за итни мерки и подигнување на свесноста кај одгледувачите за препознавање и пријавување на болеста. Агенцијата, рече Бабовски, подготвува кампања за печатење на информативни материјали за болеста и материјали за јакнење на капацитетите на АХВ.
-Законско усогласување на новиот пакет на ЕУ законодавството од областа на здравствената заштита на животните е еден од најзначајните приоритети на Агенцијата, за што се дефинирани активности во насока на донесување и усвојување новиот Закон за здравствена заштита на животните и делегирачките и имплементирачките акти. Во соработка и со финансиска поддршка на ФАО, почнато е развивање на ново софтверско решение, нов информациски систем на АХВ, во кој ќе бидат интегрирани сите постоечки софтвери, како и интеграција на ГИС системот. Со помош на овој нов систем, ќе можеме во секое време да ги добиваме потребните епидемиолошки податоци –потенцира Бабовски во обраќањето пред Форумот.
На дводневниот настан во Ниш, учествуваат претставници на Генералниот Директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), претставници од делегациите на ЕУ во земјите од Западен Балкан како и високи претставници од ветеринарните служби на Србија, како земја домаќин на Управувачкиот комитет и Форумот, Република Северна Македонија, Црна Гора, и другите балкански земји.
На Управувачкиот комитет кој се одржа денес, разгледан беше напредокот на проектот во однос на реализацијата на прашања кои се однесуваат на законодавството, надзорот на африканската и класичната чума кај свињите, информациските системи, соработката со други проекти во Западен Балкан, а дефинирани беа и идните проектни активности.
На денешната прва сесија на Форумот покрај прашањата за состојбата со надзорот на болестите во Западен Балкан од А листата (кои задолжително се пријавуваат), националните приоритети од областа на здравствената заштита на животните, утре ќе се дискутира и за новата ЕУ легислатива за африканската чума кај свињите, ќе бидат споделени практични примери во справувањето со болеста, а презентирано ќе биде и македонското искуство.
Форумот ќе ги дефинира регионалните приоритети за наредниот период. Во текот на утрешниот ден ќе го посетат Ветеринарниот специјалистички институт во Ниш, како центар за организација и менаџирање на надзорот и контролата во справувањето со африканската чума кај свињите во Република Србија.