Во Вашингтон вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска се сретна и со директорот на Канцеларијата за Европска Унија и регионални прашања при Стејт Департментот, Роб Ли, со кој зборуваа за нашиот евроинтеграциски пат, за регионалната соработка и економското поврзување на регионот.
На средбата зборуваа на повеќе важни политички домашни теми, но и за случувањата во регионот, со акцент на регионалната соработка како предуслов за интеграција во ЕУ.
Во разговорот на Маричиќ со Ли било потенцирано дека европската идеја за обединување е активна, а за европска визија и планот на македонската Влада до 2030 Северна Македонија да стане членка на ЕУ, брзите реформи се клучни, со укажување дека сега е можност да обезбедиме целосен просперитет на македонското општество, што е во интерес на сите.
Директорот на Канцеларијата за Европска Унија и регионални прашања при Стејт Департментот, Роб Ли уште на состанокот ја потврдил позицијата на САД дека нивниот фокус останува задржувањето на безбедноста на Западен Балкан и нивната заложба сите држави од регионот да останат стабилни и на европскиот пат, на кој нема да изостане американската политичка и финансиска поддршка за тешките реформи во правосудството и борбата против корупцијата.
Маричиќ во Вашингтон ќе се сретне и со американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Габриел Ескобар, а утре ќе земе учество на тркалезна маса, во организација на „Атлантскиот Совет“ на која со американски експерти кои работат на Западен Балкан, ќе разговара за европскиот пат на Северна Македонија и како до поголеми резултати во исполнувањето на задачите и обврските кои ги имаме, кои ќе го забрзаат процесот на преговори со ЕУ.
Извор: Влада