Пензионерите имаат право на активен и квалитетен живот во третата доба. За таа цел Министерството за труд и социјална политика посветено работи на спроведување на социјалната реформа, која покрај другото е посветена токму на пензионерите и на унапредување на можностите за нив во поглед на поголема социјализација и подобрување на здравјето.
Во таа насока, денес министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска го посети Центарот за дневен престој за стари лица со активно стареење во општината Чаир во Скопје. Центарот го посетуваат околу 30 лица од општината, а оваа социјална услуга е дел од социјалната реформа, преку која се креираат услуги во локалните средини според потребите на корисниците. На средбата со пензионерите министерката Тренчевска ги посочи бенефитите од дневниот центар и ги повика корисниците што повеќе да ги користат неговите услуги.
„И како министерство и како Влада ја чувствуваме одговорноста што ја има општеството кон нашите повозрасни сограѓани. Низ сите активности и проекти кои се наменети за нив, се трудиме да им овозможиме што поквалитетен живот, социјализација и вклученост во секојдневието. Веруваме дека преку што подоброто функционирање на ваквите центри, но и преку услугата за помош и нега во домот тоа го постигнуваме. За тоа се доказ токму нивните искуства и сведоштва. Продолжуваме во оваа наша мисија, која е една од носечките во социјалната реформа која ја спроведуваме“, истакна министерката Тренчевска при посетата на Центарот за дневен престој за стари лица со активно стареење во општина Чаир.
Центарот за активно стареење го посетуваат пензионери над 65 години, а во него тие извршуваат повеќе активности чија цел е подобрување на менталното и физичко здравје и зајакнување на социјализацијата. Оваа социјална услуга е наменета токму за создавање можности за активно стареење, со што лицата во третата доба им се достапни конкретни активности за подобрување на квалитетот на животот. Во Дневниот центар, пензионерите се дружат со своите врсници, а добиваат и асистенција од стручни лица.
Центарот за дневен престој за стари лица со активно стареењево Чаир е една од активностите кои се поддржани преку Проектот за подобрување на социјалните услуги. Во рамки на Компонента 1 од Проектот за подобрување на социјалните услуги досега се поддржани вкупно 34 проекти кои ќе овозможат давање на услугите во 41 општина. Најголем дел од овие проекти се наменети за помош и нега на стари, изнемоштени и лица со попреченост во нивните домови, а се обезбедуваат и дневни центри за стари лица, дневни центри за престој на лица и деца со попреченост и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и услугата лична асистенција. За давање на овие услуги досега се обучени 300 лица кои обезбедуваат соодветни услуги за повеќе од 1200 корисници.
На денешната средба беше отворена и темата за пензиите, нивниот раст, актуелната методологија, состојбата на пензискиот систем. Мининистерката во оваа прилика посочи дек агрижата за пензионерите и нивната благосостојба е приоритет за Владата, министерството за труд и социјална политика, при што го нагласи и нејзиниот личен влог како министерка за креирање на политики и мерки кои ќе значат обезбедување на пристоен живот за сите.
„Ќе биде формирана работна група која ќе работи со цел да се најде решение за усогласување на минималната пензија. Очекувам дека низ дијалог до крајот на годината ќе најдеме соодветно решение секако следејќи ги примерите на останатите земји, соодветно решение како да ја дефинираме минималната пензија во државата, а којашто ќе биде над она што значи праг на сиромаштија утврдена од страна од Светска Банка,“ рече Тренчевска.
Таа посочи и дека секогаш кога се креираат политики мора да се мисли на стабилноста на пензискиот фонд, како и дека не смее да се дозволи, да се доведе во прашање исплатата на пензиите на кој било од овие 330.000 пензионери.
Извор: Влада