Вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со амбасадорката на САД, Анџела Агелер и директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски ја посетија малата семејна винарија Арабеска во село Сопот, општина Кавадарци.
Винаријата Арабеска е успешна мала семејна винарија во сопственост на семејството Стојчеви и добитник на грант поддршката за мали семејни винарии до 10.000 евра за набавка на опрема за производство. Преку овој грант малата семејна винарија Арабеска има набавено ладилник за ладење на виното, осум INOX резервоари од 600 литри, машина за полнење и преса, а дел од средствата ги има искористено за ангажирање на стручно лице енолог.
Домаќините, семејството Стојчеви, ги запознаа министерот Николовски и амбасадорката Агелер со нивната работа и начинот на производство, како и набавената опрема со грантот за поддршка на малите семејни винарии.
Малите семејни винарии се наша успешна приказна, со која сите треба да се гордееме. Поддршката која уште од 2019 година преку законските измени на законот за вино ја даваме за малите семејни винарии го отовори патот за нивен развој, па денес сме сведоци на успешни мали семејни винарии низ целата држава.
Испишавме историја со регистрирани над 200 мали семејни винарии, кои преку програмата за поддршка на малите семејни винарии на министерството, добиваат грант поддршка за набавка на опрема за производство и пакување. Педесет и девет мали семејни винарии преку првиот повик веќе ја реализираа оваа грант поддршка, а во тек е обработувањето на апликациите од вториот јавен повик за мерката со која обезбедуваме поддршка на малите семејни винарии.
Северна Македонија е 13 држава во светот на скалата по девизен прилив остварен од извоз на вино и 22 место по производство на вино. Овие резултати покажуваат колку за нас како министерство се важени секторите винарство и лозарство, дека сме на вистинскиот пат, и ни е голем мотив да продолжиме уште повеќе да работиме во корист на сите земјоделци.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство