spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Тренчевска - Социјалните претпријатија ќе придонесат во креирање на нови работни...

МТСП: Тренчевска – Социјалните претпријатија ќе придонесат во креирање на нови работни места за ранливите групи

Пред Центарот на социјални претпријатија се одржа „Третиот саем на социјални претпријатија“ во Скопје. Со учество на околу 50-тина штандови се промовираа производи и услуги на социјални претпријатија од земјава, но и од Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска истакна дека размената на искуства и вмрежувањето кои произлегуваат од одржувањето на вакви настани е од огромна корист за развојот и промовирањето на социјалното претприемништво.

„Како Влада и Министерство за труд и социјална политика силно ги поддржуваме овие промотивни настани- саеми, каде што нечија реализирана идеја може да биде поттик за нови идејни решенија односно воспоставување и функционирање на нови социјални претпријатија. Важноста на социјалните претпријатија произлегува од нивната значајна улога која ја имаат во секое општество, а тоа е дека  создаваат еднакви можности и овозможуваат еднакво општество, придонесуваат кон еколошки и економски развој, но и допринесуваат кон намалувањето на сиромаштијата. Тие го помагаат економски раст, влијаат на социјалната кохезија и развојот и примената на новите технологии,“ истакна Тренчевска.

Имајќи предвид дека Националната стратегија за социјалните претприемништво 2021 – 2027 година, со двегодишен акциски план 2021-2023 година е усвоена во септември 2021 година и се имплементира, а  исто така  во подготовка е и Закон за социјални  претпријатија, со тоа Владата и Министерството за труд и социјална политика  јасно ја имплементираат стратешката определба за понатамошен развој и добивање соодветна позиција на социјалните  претпријатија во националниот социо- економски контекст.

„Со институционалната поддршка за социјалното претприемништво, ги решаваме предизвиците и на централно и на локално ниво поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања во врска со интеграцијата на ранливите  групи. Социјалните претпријатија ќе придонесат во креирање на нови работни места за ранливите групи. Законот за социјални претпријатија е во последната фаза и веруваме дека до крајот на годината ќе биде усвоен,“ посочи Тренчевска.

 

Министерката информираше дека со него ќе се дефинира како граѓанските организации, здруженијата на граѓани, задругите, компании и сите останати правни субјекти може да добијат статус на социјално претпријатие. Со статусот, овие претпријатија кои ќе вработуваат лица од ранлива категорија и кои го реинвестираат својот профит за остварување на својата општествена, социјална, солидарна и/ или еколошка мисија ќе може да добијат користи со кои ќе може да го растат својот бизнис, да вработуваат повеќе лица и да допринесат во решавањето на социо-економски проблеми.

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, подвлече: „Овој настан прераснува во традиционален секој септември. Социјалната економија е од голема важност во Европската Унија. Социјалните претпријатија се вистински целосно грижливи компании кои вработуваат лица кои без нив би биле без работа, без средства и без иднина. Благодарение на нив тие се сега дел од поширока заедница. Затоа ние го поддржуваме нивниот развој, гледаме голем напредок, но не смееме да застанеме тука…“

Саемот го означи почетокот на Регионалниот форум за социјални претприемачи, конференција која се фокусира на важноста од развивање механизми за поддршка и законски рамки за поттикнување на социјалното претприемништво како моќен инструмент за социјален и економски развој во регионот.

 

 

 

 

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте