Иницијативите што се преземаат на национално ниво со кои се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на економијата, заедно со иницијативите што во оваа насока се воспоставени од нашиот партнер ЕУ, даваат поголеми шанси за претпријатијата преку ваков сеопфатен процес да станат поконкурентни на европскиот пазар и да се соочат со предизвиците на тој пазар.
Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на регионалната конференција тема „Open4Business – Made in the Western Balkans – Supported by EU” во организација на Европската комисија во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и „Western Balkans 6 Chamber Investment Forum“ (WB6CIF).
„Во период во кој се соочуваме со кризи исправени сме пред неколку предизвици, да се обезбеди фискален баланс, да се спроведе фискална консолидација, а од друга страна да се обезбеди раст. За таа цел по примерот на ЕУ и Јункеровиот план, подготвивме План за забрзан економски раст кој содржи насоки како да го поддржиме растот во време на криза, но и да добиеме различни форми на финансиски инструменти за да постигнеме просперитет и развој“, рече министерот за финансии.
Тој се осврна на инструментите што ги воведе Минисерството за финансии, како граѓанската обврзница, зелената обврзница, структурната обврзница. „Ова, како што дополни, се нови инструменти на пазарот на капитал, кои ги издаде Владата оваа година, но дека има и други иницијативи, како што се Гарантниот фонд во Развојната банка, кој поддржува домашни компании и служи да го подобри пристапот до финансии преку деловните банки, со гаранција од Развојната банка. Потоа инструмент преку кој се обезбедуваат гаранции за извозни компании, каде има обезбедени 10 милиони евра за развој и 15 милиони евра за гаранции за инвестиции, исто така преку Развојната банка. Од минатата недела е воспоставен Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка кој, меѓу другото, ќе се финансира од зелената обврзница и ќе ги поддржува малите и средни претпријатија. Допонително стојат на располагање и 150 милиони евра за претпријатијата од Европската инвестициска банка и Банката за развој на Советот на Европа“.
Ова според министерот претставува сериозна инјекција за приватниот сектор за време на овој период од повеќе кризи, но, исто така, претставува поддршка на процесот на зелена транзиција и конкурентноста на нашите компании на идниот заеднички европски пазар.
Министерот потенцира дека во обезбедувањето финансиски средства значајно е дека имаме блиски партнери во Европа, од каде оваа година РС Македонија доби грант од 80 милиони евра за справување со кризата, и дополнителни 100 милиони евра буџетска поддршка за сите политики.
„Ова за деловната заедница е важно бидејќи за овие 100 милиони евра ЕУ ќе идаде обврзница за нас и ние ќе добиеме средства со ниска каматна стапка и средства кои се од заемен интерес за сите граѓани и за нашата определба за членство во ЕУ. Важно е дека овој процес е во интерес на сите и дека заедничка цел е просперитетен и успешен континент“, рече министерот Бесими.
Во тој контекст, посочи, дека ваквите конферецнии се добар пример за да се изгради здрава мрежа на соработка и како да се искористат можностите подобро да се искористат, додека во ноември ќе следи уште ден настан кој се однесува на тоа како оптимално да се искористат средствата кои ни стојат на располагање преку европските фондови и како тие програми да ги поврземе со остварување на политичките приоритети и со компонентата на раст.
Извор: Министерство за финансии