spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Голем интерес за новиот финансиски инструмент – зелената обврзница, на аукцијата...

МФ: Голем интерес за новиот финансиски инструмент – зелената обврзница, на аукцијата побарувачка од 1,635 милијарди денари, запишани 600 милиони денари

Голем интерес беше пројавен на  аукцијата за најновиот финансиски инструмент на пазарот – зелената обврзница. На аукцијата за првата емисија имаше побарувачка речиси трипати повеќе, односно беше доставена понуда во износ од 1,635 милијарди денари. На аукцијата беа запишани зелени обврзници во износ од 10 милиони евра.

„Интересот за овој нов финансиски инструмент што го воведовме на пазарот беше навистина голем. На аукцијата беше понуден износ од 1,635 милијарди денари, но како што најавивме, Министерството за финансии запиша зелени обврзници во износ од 600 милиони денари. Интерес пројавија банки, финансиски институции, но и физички лица. Тоа покажува дека на пазарот на капитал се потребни нови, креативни и иновативни инструменти кои ќе ја збогатат понудата и ќе им овозможат на инвеститорите да го прошират своето финансиско портфолио“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Средствата обезбедени од издавањето на оваа прва емисија на зелени обврзници ќе бидат насочени во Фондот за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка, од каде што компаниите ќе може да добијат средства по поволни услови за своите зелени инвестиции.

Издадените зелени обврзници се со рок на доспевање од 2 години, со каматна стапка од 4,75% годишно, односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година, а каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главнината.

Инаку, зелените обврзници се хартии од вредност што ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Тие се наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и за финансирање еколошки проекти. Целта е поттикнување и забрзување на инвестициската активност во земјата, како и забрзување на економскиот раст.

Зелената обврзница доаѓа на пазарот на хартии од вредност по успешното воведување на граѓанската обврзница, чија прва емисија беше во текот на јули 2023 година и за која интересот беше два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.

Средствата од двата инструмента всушност се поддршка на развојната компоненета на Буџетот за 2023 година.

Овој инструмент, како и претходно воведената граѓанска обврзница, е нов производ на домашниот пазар и е предвиден со Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст.

Согласно Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст покрај овие два инструмента, во наредниот период на пазарот ќе бидат понудени и проектни и развојни обврзници, коишто се насочени кон развојни проекти и проекти поврзани со инфраструктурата. Дополнително, по издавањето на зелената обврзница во текот на овој месец ќе биде издадена и втората граѓанска обврзница.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте