Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера реализираше официјална посета на Република Финска, на покана на финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен. На средбата двајцата министри изразија заемни заложби за унапредување на билатералните односи и соработка помеѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 30-годишен јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Во денешната нарушена безбедносна архитектура, свесни сме за различните предизвици со кои се соочуваме и само со заедничка работа може да ги надминеме, а ОБСЕ е еден важен сегмент во оваа насока“, истакна МНР Османи во својство на претседавач со ОБСЕ. Упатувајќи честитки за претседавањето на Финска со ОБСЕ во 2025 година, подвлече дека приоритет и заеднички интерес на сите земји учеснички на ОБСЕ е да се постигне консензус околу изборот на претседавач за 2024 година.
Министерот Османи изрази благодарност за конзистентната поддршка од Хелсинки за нашиот пристапен процес во ЕУ и ја нагласи потребата од промена на пристапот согласно концептот „Повеќе интеграција пред ЕУ членство“.
Поздравувајќи го членството на Финска како 31-ва НАТО членка, Османи повтори дека остануваме посветени на одржувањето на силни партнерски односи.
“Со приклучувањето кон алијансата, Финска придонесува во заштитата на стабилноста и безбедноста на европскиот континент” додаде министерот.
Министерката Валтонен ја реафирмира финската поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и оддаде признание дека Северна Македонија постигна висок степен на исполнување на европската реформска агенда.
“Финска има долгогодишен силен интерес за Западен Балкан и ги поддржува своите партнери од Западен Балкан во исполнување на нивните евроинтеграциони стремежи. Проширувањето е важна долгорочна политика на Унијата и евро-интеграцијата е висок приоритет” – истакна финската Министерка.
Во рамки на посетата, министерот Османи оствари средба и со спикерот на финскиот Парламент Јуси Кристиан Хала-ахо, со кого размени мислења за нашата ЕУ агенда, нашето ОБСЕ претседавање со фокус на функционалноста, како и унапредувањето на парламентарната соработка.
Извор: Влада