Создавање квалитетни услови за образование на нашите деца е една од основните определби за кои се залагаме и како Влада и како политички субјект кој го застапуваме. Затоа што, современите објекти, добро опремените училници и кабинети, креативните учебници, нагледни средства и така натаму, даваат стимул за поголема заложба и стекнување на што повеќе знаења кои секако, еден ден ќе ја најдат својата примена и секој поединец ќе го одведат до остварување на целите кои ги поставува пред себе.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на церемонијата со која се означи завршувањето на проектот за реконструкција на основното училиште „Форино“ во село Форино, гостиварско, на која присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Со вкупен буџет од 8,4 милиони денари ја заменивме фасадата на училишниот објект, со што енергетската ефикасност е значително подобрена, а тоа ќе донесе заштеда на средства од општинскиот буџет, кои се надевам дека локалната самоуправа ќе ги искористи за некоја друга инвестиција токму во вашето населено место. Дополнително, проектот предвиде и адаптација за тоалетите за лица со посебни потреби, така што ја подобривме и пристапноста, односно инклузивноста на училиштето“, рече Шаќири.
Тој нагласи дека буџетот за образование постојано расте и тоа особено во делот на крупните инфраструктурни инвестиции. Очекува, како што рече, овој тренд да продолжи и во следните календарски години.
„Преку една милијарда денари вложуваме на годишно ниво, во последните 3 години. А токму оваа година, вашето училиште влезе во инвестициската програма на Министерството за образование и наука и денес имаме целосно реализиран проект, за што искрено честитам и уверувам дека Владата и Министерството за образование и наука ќе се погрижат вакви услови за образование да добијат и други ученици во државата, во други населени места каде е нотирана потреба за тоа“, додаде министерот.
Ова основно училиште, како што посочи Шаќири е меѓу објектите, околу 70тина на број, во кои во текот на оваа година се вложија 4,5 милиони евра за активности генерално насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и пристапноста за лицата со попреченост, а поддршка се обезбеди од Светската банка која го финансира Проектот за унапредување на основното образование и Банката за развој при советот на Европа која го финансира проектот за изградба на 145 училишни спортски сали и реконструкција на училишни објекти.
„Со денешната промоција на значително подобрените услови во училиштето во Форино, ја започнувам агендата за посета на сите училишта кои ги реконструиравме во текот на оваа година и секако, со училишните раководства ќе продолжиме да дискутираме за потребите кои е неопходно да се задоволат, првенствено во интерес на поквалитетна настава за учениците“, рече Шаќири.
Освен градежните активности, министерот посочи дека оваа година МОН се посвети значително и на дигитализацијата на воспитно – образовниот процес, односно вложи средства во модернизација на ИТ и мрежната инфраструктура во основните училишта. Се набавија нови персонални и преносни компјутери, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци и слично.
Дополнително, беа набавени нови наставни и нагледни средства за кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија, а се обезбедија и целосно нови кабинети по природни науки во сите основни училишта.
Извор: Влада