Денес, генералниот секретар на Владата, м-р Методија Димовски учествуваше на работилница за Унапредување на квалитетот на регулативата и донесувањето на одлуките на Владата на Република Северна Македонија која се одржа во хотел Мериот.
Целта на работилницата е зајакнување на капацитетите на вработените во Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, како клучна институција на Центарот на Владата.
Работилницата ги опфати сите клучни фази во процесот на донесување одлуки на Владата, фазите во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата (ПВР) согласно Методологијата за ПВР и другите прописи кои се однесуваат на овој процес.
Исто така опфатени се и аналитичките алатки кои се користат во процесот на спроведување на ПВР за да се обезбеди вработените во Генералниот секретаријат потполно да ги разберат процедурите, барањата и стандардите за изготвување на квалитетна регулатива и донесување на одлуки од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Генералниот секретар Димовски во воведното обраќање посебен осврт даде на Унапредувањето на квалитетот на процесот на креирање политики во Република Северна Македонија – постоечките предизвици и идните приоритети. „Генералниот секретаријат, како стручна служба на Владата на Република Северна Македонија, се грижи материјалите и актите што се доставуваат до Владата и нејзините работни тела да се конзистентни и засновани врз разработени и квалитетни анализи, врши проверка на степенот на подготвеност на материјалите и актите согласно Деловникот за работа на Владата и обезбедува стручна и логистичка поддршка во врска со подготвувањето и одржувањето на седниците на Колегиумот на државни секретари, работните тела на Владата и Владата“, истакна Димовски.
Извор: Влада