Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука.
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:
„Денес е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја.
Особена чест и задоволство за мене претставува да се обратам на денешната Свечена академија по повод одбележувањето на 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука.
На овој ден, во 1908 година во градот на конзулите, Битола, се одржа познатиот Битолски конгрес, на кој се поставија темелите на албанската писменост.
На Конгресот на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори.
Единствената жена на конгресот, Парашќеви Ќиријази подоцна во 1909 година ќе напише и буквар на албанската азбука.
Со завршувањето на Битолскиот конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука, а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделници.
Со унифицирањето и стандардизацијата на албанската азбука, се отвори патот албанското писмо да стане дел и од богата ризница на светското културно наследство.
Јазикот и културата на еден народ се негов идентитет, негов белег и претставуваат негов код.
Овде, на ова тло, со векови се негувале и се негуваат разни јазици, вери и култури. Луѓето зборувале различно, но се разбирале бидејќи ги поврзувале толеранцијата, почитта, љубовта кон другиот. Сме опстоиле токму поради заедништвото. Затоа, дозволете ми да кажам дека сè додека се почитуваме, ќе се разбираме.
Една од најважните препознатливи карактеристики на Република Северна Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, што нè прави единствени.
Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и взаемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти кои делиме исти предизвици.
А исти сме во определбата да градиме едно општество за сите, една држава за сите каде слободно ќе се твори, пишува, живее, секој на својот мајчин јазик, но со должна почит кон другиот до него.
Продолжуваме да градиме држава каде мајчиниот јазик се негува во училиштата, општините, болниците. Создаваме простор за уште поголемо зацврстување и валоризација на етничките вредности, даваме простор на соживотот, а не на предрасудите.
Почитувањето на различностите е предуслов за градење на демократска држава, базирана на цивилизациски вредности. И, затоа, презедовме низа мерки во насока на поддршка и сочувување на мајчиниот јазик преку основање на институции за промоција на мајчиниот јазик, преку овозможување за негово учење уште во основното образование зошто мајчиниот јазик мора да се негува, а ќе се негува ако се зборува.
Денеска овде со мене се и членовите на Владата на Република Северна Македонија кои припаѓаат на албанската заедница и на македонската заедница. Припадниците на албанската заедница пишуваат и зборуваат албански јазик. Во текот на изминатите две години јас ја имав честа да предводам Влада во еден исклучително тежок и кризен период, време на неизвесност во однос на тоа дали ќе имаме енергија, дали ќе имаме доволно храна, дали ќе имаме доволно знаење да ја зауздаме инфлацијата како што ја зауздавме и луѓето со коишто мојот ден во најголем дел поминуваше беа нормално министерот за финансии, министерот за економија, вицепремиерот за економски прашања, министерката за труд и социјална политика. Цела среќа е дека меѓу нив имаше двајца по име Фатмир, а значењето на името Фатмир е некој кој носи добра среќа. Јас имав такви двајца. За нив двајца албанскиот јазик е мајчин јазик. Но, често пати во мојата канцеларија и во нивните канцеларии во тие долги работни денови, кога ги правевме сите тие пресметки и мерки можеше да се чуе од моја страна Фатмир брат, те молам направија оваа пресметка или кон другиот Фатмир, Фатмир брат ако може до утре ова законско решение да го спремиме.
Албанскиот јазик не е мој мајчин јазик, а сепак, одлично се разбираме бидејќи тоа е мојот братски јазик.
Се разбираме бидејќи мораме да продолжиме да ги негуваме европските, цивилизациските вредности – да бидеме обединети во различностите. Да се почитуваме, да си помагаме, да бидеме сите како едно и сите за доброто на оваа држава која час поскоро сакаме да ја видиме како дел од европското семејство на народи.
Да градиме европска држава на темелите на заедништвото!
Нека е честит Денот на албанската азбука. Да сме живи и здрави и да ни е жива и здрава и вековна Република Северна Македонија!“.
Извор: Влада