spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Бесими - Буџетот за 2024 година е дел од поширока стратегија...

МФ: Бесими – Буџетот за 2024 година е дел од поширока стратегија за заздравување и забрзување на растот

Буџетот за 2024 година, којшто се носи во услови на продолжена неизвесност и забавување на глобалната економија, е дел од поширока стратегија за заздравување, а понатаму и за забрзување на растот, истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за „Фактор“, во кое посочува дека стратегијата се заснова на поттикнување на развојот преку силен инвестициски циклус и обезбедување фискална одржливост.

Министерот за финансии истакнува дека Буџетот за идната година е конципиран врз основа на „златното правило“ во јавните финансии, односно капиталните инвестиции да бидат на повисоко ниво во однос на фискалниот дефицит. Истовремено, Буџетот останува на зацртаниот пат на фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит, а притоа да нема негативно влијание врз економскиот раст.

„Структурата на Буџетот се менува. Од минатата година нивото на капитални расходи е поставено на двапати повисоко ниво во однос на 2020 година, а оваа тенденција продолжува и со Буџетот за 2024 година. Буџетскиот дефицит е намален за речиси една третина во однос на проектираното ниво за годинава, на 3,4% од БДП, од што само половина е примарен дефицит, односно 1,7% од БДП, додека другата половина од дефицитот оди за плаќање на каматите за долгот акумулиран од минатото до сега. Ова ниво соодветствува со среднорочните проекции опфатени во Фискалната стратегија до 2028 година, односно буџетскиот дефицит во 2025 и 2026 година да се сведе на 3% или во согласност со Мастришките критериуми, додека во 2027 и 2028 година да падне и под 3%, односно на 2,8% и 2,5%, респективно. Што се однесува до економската одржливост, предвидена е поддршка во оваа насока во рамки на издвоените средства за капитални расходи. Преку носењето на новиот Закон за буџети, зајакната е и контролата за обезбедување на фискалната одржливост преку воведување Фискален совет и фискални правила“, наведува министерот.

Понатаму говори и за деветтиот пакет антикризни мерки, со која ќе бидат поддржани 120.000 млади лица, околу 74.000 лица од социјално ранливи категории граѓани, 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства и 70.000 компании, а ако се земат предвид и системските мерки, станува збор за 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор.

„Деветтиот пакет антикризни мерки беше најавен со Буџетот за 2023 година. Оттаму, тезите дека е предизборен и ненадеен веднаш се побиваат. Фискалната политика и овој пакет антикризни мерки ги насочивме кон поддршка на економскиот развој и на ранливите категории граѓани. Ќе бидат поддржани студентите, учениците од семејствата со ниски примања, пензионерите со ниски пензии, а со ликвидносни инјекции и компаниите, главно мали и средни“, вели Бесими и додава дека оваа поддршка кон граѓаните и стопанството континуирано се дава од пандемијата наваму, а се проценува на 2,66 милијарди евра.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

ДЗС: Просечна месечна исплатена нето-плата по вработен, август 2024 година

0
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2024 година, во однос на август 2023 година,...