Почитувани колеги од политичкиот живот,
Со распишувањето на изборите и почетокот на предизборниот период, од огромно значење е секој учесник во овој процес постојано да ги има предвид законите, но и етичките принципи при вршењето на своите активности. Правичното спроведување на изборите е основа и главен предуслов за вградување на сите останати принципи на доброто владеење, дефинирани од Советот на Европа. А за да осигураме фер и демократска атмосфера, императив е секој чинител во изборите да постапува одговорно и етички и да не го загрозува интегритетот на изборниот процес.
Нашата генерација не смее да си дозволи репризи на сцени од не толку далечното минато, случаи на заплашувања и злоупотреби, на компромитирани изборни процеси кои ја уназадуваа државата. Наша споделена должност е да обезбедиме безбедна и демократска атмосфера, во која секој гласач ќе може слободно да го исполнува своето демократско право. Институциите се први на линијата на одговорност, но удел во целата слика има секој од нас.
Без оглед на нашите политички афилијации или припадност, приоритет во политичкото дејствување мора да биде добросостојбата на граѓаните и взаемната доверба меѓу заедниците во нашето мултикултурно општество. Тоа значи, не само да се придржуваме до одредбите во изборниот и другите закони, туку да поставуваме повисоки етички стандарди пред себе. И така директно придонесуваме државата да оди напред. Секој со својот пример, секој со својот дел од одговорноста, а за сечие добро.
Во овие времиња полни со предизвици, особено е важна транспарентноста на изборните кампањи, бидејќи на граѓаните мора да им се овозможи да носат одлуки врз основа на точни информации. Лажните вести, штетните наративи и дезинформациите служат токму за спротивното. И затоа е важно сите политички субјекти да ги презентираат своите програми на отворен и чесен начин, без манипулации. Подеднакво е важно да се води сметка и за елиминирање на дискриминацијата, нетолеранцијата и говорот на омраза од јавниот дискурс, а во насока на унапредување на севкупната политичка култура во земјава.
Предизборниот и изборниот период е можност да ја покажеме зрелоста на нашата демократија и нејзините чинители, и затоа е важно секој носител и претендент за функција да води со личен пример, придржувајќи се до етичките стандарди и демократските принципи. И во ниту еден момент да не се заборави дека секој што ја бара довербата на избори, треба да делува во најдобар интерес на нашите граѓани и држава“.
Извор: Влада