Во рамките на работнатa посета на Кралството Данска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со својот хомолог, министерот за надворешни работи, Јепе Кофод.
Главна тема на разговорот беа европските перспективи и очекувања на нашата држава – имплементација на одлуката од март мината година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција. Во таа смисла министерот Османи ги поздрави заложбите на Данска за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ според воспоставените критериуми и се заблагодари за нивната принципиелна поддршка за евро-атлантската и за европската амбиција на Република Северна Македонија.
Кофод ги поздрави остварените резултати на нашата Влада со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакна нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели, . Тој порача дека Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Република Северна Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.
„Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области, исполнувањето на добропознатите „копенхашки критериуми“, кои и со новата Методологија не се изменети, како и продлабочување на добрососедските односи и натаму остануваат наш приоритет, и во периодот кој претстои. Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Формалниот почеток на преговорите е само симболичен почеток на долгиот пат на трансформација, но важен сигнал и неопходно охрабрување до целиот регион кој ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес. А тоа ни е важно на сите, особено нам – земјите од регионов, затоа што европската идеја е таа која нѐ обединува околу современите вредности“, истакна Османи.
Соговорниците на средбата разговараа и за неодамна започнатиот процес на стратешка рефлексија во земјите членки и на ниво на ЕУ во рамки на Конференцијата за иднината на Европа, при што Османи му порача на Кофод дека ние сме подготвени, согласно својот статус како кандидати за членство да го дадеме својот скромен придонес што ќе овозможи позитивен импулс за унапредување на севкупната Европска агенда.
Во продолжение, двајцата министри разменија мислења, предлози и сугестии за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, со нови содржини во сите области од заемен интерес, ставајќи посебен акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена.
Во Агендата на министерот Османи во Данска се наоѓа и средбата со Жан Елерман-Кингомбе, Државен секретар во Кабинетот на премиерката Фредериксен, каде повторно ќе доминираат темите за европското досие на земјата.
За време на посетата на Копенхаген, Османи ќе се сретне и со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората на Република Северна Македонија во Данска.