Општина Центар обезбеди нови 16.219.000,00 денари од општинскиот буџет за набавка на три специјални комунални возила-метларки за чистење и одржување на јавните површини.
„За неколку дена ги пуштаме новите специјални возила низ центарските улици. Како локална самоуправа нашите приоритети се насочени кон проекти и активности за чист и зелен Центар. Со набавката на специјалните комунални возила, односно новите три метларки и цистерната за рачно распрскување, Општина Центар го зголемува капацитетот за одржување на јавната чистота и хигиена на јавните површини. Метларката е многу поефикасна од рачното метење и на тој начин побрзо ќе ги одржуваме јавните површини, а општинските улици ќе бидат чисти и уредни. Специјалните возила ќе бидат во функција во текот на цела година со дополнителна опрема за чистење на улиците во зимските месеци“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Специјалните возила се дизајнирани и произведени во согласност со еколошките стандарди за заштита на животната средина. Според техничките спецификации, метларките имаат две ротирачки четки на предната страна, резервоар за отпад изработен од нерѓосувачки челик со бруто-зафатнина од 1,5 кубни метри, резервоар за вода, црево за вшмукување отпад, перач со вода и дополнителна опрема за снежен плуг и соларка. Транспортната брзина на комуналното возило ќе се одвива со 40 км на час, а ќе може да ги чисти и повисоките места во одредени населби.
Општината ја реализира и јавната набавка за ново специјално комунално возило – цистерна за рачно распрскување на општинските улици во износ од 4.900.000,00 денари од Буџетот на Општина Центар.
Извор: Општина Центар