Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше воведно обраќање на состанокот на проектните партнери и претставниците од министерствата за надворешни работи на земјите на Западен Балкан и Вишеградската група во рамките на проектот, „Тинк Балкан“ (Think Balkan).
Во своето обраќање, Османи се осврна на првите резултати од работата на инструментот преку кој „тинк-тенк“ организациите ја насочуваат својата експертиза кон прашања и теми од заеднички интерес за Регионот, а со тоа даваат дополнителен импулс во регионалната соработка.
Блиската соработка со министерствата за надворешни работи од Регионот дополнително дава значење во градењето на политичкиот дискурс и целно фокусирање кон најактуелните прашања за европската перспектива на овие земји. Целиот регион споделува иста стратешка цел, да се стане интегрален дел на ЕУ и затоа овој механизам е исклучителна можност да добиеме експертиза кој ќе ни помогне во реализација на нашите заеднички цели.
Овој инструмент започна со својата работа пред шест месеци, а финансиски е поддржан од Меѓународниот Вишеградски Фонд и е моделиран по примерот на платформата „В4 тинк-тенк“. Министерството за надворешни работи е партнер во овој проект кој има за цел да ја зајакне соработката и да го подобри дијалогот меѓу „тинк-тенковите“ од Вишеградската група и Западен Балкан со министерствата за надворешни работи за прашања од заеднички стратешки интерес.