spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКарпош: Изгласан ребалансот на Општинскиот Буџет

Карпош: Изгласан ребалансот на Општинскиот Буџет

Советот на Општина Карпош ја одржа својата редовна 53-та седница, каде советниците расправаа и полноважно одлучуваа по 19 точки кои се најдоа на денешниот Дневен ред. Во таа насока, по темелното образложение кое го презентираше раководителката на Секторот за финансиски прашања, Мирјана Ѓорѓиевска, со мнозинство гласови од советниците беше изгласана Одлуката за изменување и дополнување на Буџетот на Општина Карпош за 2024 година. Потребата за донесување на оваа Одлука произлезе од релативно добрата реализација на приходите и паралелно на нив, на расходите, како и намалената дотација на приходот од данок на додадена вредност од износ 33.724.000 денари на износ 32.628.000 денари. Во контекст на образложението оди и зголемената блок дотација за основните училишта од 590.081.000 денари на износ од 628.081.000 денари. Промени на износите на одредени ставки има во сите колони во косолидираниот Буџет на Општината. Во колоната вкупен Буџет на Општина Карпош за 2024 година има промени во приходниот дел каде што претходниот износ од 1.299.451.000 денари се зголемува на износ од 1.450.692.000 денари. Промените кај одредени приходни ставки се темелат врз зголемените ставки на Данокот од доход од добивки и од капитални добивки од износ 35.650.000 денари на 42.250.000 денари, потоа на Даноците на специфични услуги од износ 263.264.000 на 345.517.000 денари, како и на Трансферите од други нивоа на власт од 55.172.000 на 74.914.000 денари. Во Буџетот на локалната самоуправа за 2024 година е извршена корекција и на расходите по програми и подпрограми. Меѓу позначајните се вбројуваат корекциите кај Програмата за Капитални трошоци на општината, каде е извршено зголемување од износ 51.090.000 на 73.330.000 денари. Зголемувањето кое е извршено на оваа ставка е поради потребата за дополнителни средства за доизградба на новата општинска зграда, како и за купување на информатичка опрема. Во програмата ГД0 – Проекти за енергетска ефикасност е извршено зголемување од износ 24.000.000 на 28.000.000 денари. Конкретно, оваа ставката се зголемува заради дополнителни средства со кои Општината ќе субвенционира купување на нови или поправка на постоечки лифтови и промена на покриви во куќите и зградите. Во подпрограмата Спорт и рекреација (капитални трошоци) износот од 10.000.000 се зголемува на 14.100.000 денари, поради тоа што се потребни средства за изградба и реконструкција на детски игралишта во Карпош. Поради зголемената потреба за одржување на основните училишта, ќе се зголемат и расходите во подпрограмата Основно образование од 29.210.000 на 43.211.000 денари. Се зголемуваат и капиталните расходи во подпрограмата ВАО, односно Детски градинки, каде средствата од 11.300.000 денари се зголемуваат на износ во висина од 13.900.000 денари. Меѓу советниците, конечно беше постигнат потребниот консензус околу предлогот за зголемување на цените за згрижување и престој на дечињата во предучилишните установи на територија на Карпош. Имено, досега месечната претплата изнесуваше 1.490 денари, а отсега за целодневен месечен престој за дете до 6 годишна возраст ќе се плаќа 2.000 денари, а истиот месечен надомест ќе изнесува и за престој и исхрана на дете од 6 до 10 годишна возраст. Како што беше констатирано, поради зголемените режиски трошоци и континуираниот пораст на цените на прехранбените производи, неопходна беше ваквата корекција на месечната партиципација во градинките, која ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите кои ќе ги добиваат најмладите карпошани. Советот даде „зелено светло“ за измена и дополнување на Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечкии поставување на нови лифтови во станбени згради. За таа намена, Општина Карпош од својот Буџет ќе обезбеди 4.000.000 денари, со кои по принципот „прв дојден – прв услужен“ ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и/или санацијата на постоечкиот лифт или поставување на нов лифт. Со истата динамика беа изгласани измените и дополнувањата на Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни покриви на куќите. Оттука, локалната самоуправа со 4.000.000 денари ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санација на кровен покривач за секоја одобрена апликација, поднесена од Заедница на станари или Управителот на станбената зграда врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции. За индивидуални станбени објекти односно за куќи, Општината ќе субвенционира најмногу до 60%, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот кровен покривач за секоја одобрена апликација. Советниците се изјаснија позитивно и по Предлог – Мислењата на Програмите за екскурзии, излети и други вонучилишни активности од основните училишта „Војдан Чернодрински“, „Владо Тасевски“, „Вера Циривири Трена“, „Лазо Трповски“ и „Јан Амос Коменски“. Во рамки на денешната седница беа поддржани измените и дополнувањата на Програмите за активностите на Општина Карпош за 2024 година од областа на екологијата и енергетската ефикасност, уредување на градежното земјиште, спортот, образованието, детската социјалната и здравствената заштита, како и Програмата за одбележување на 48 – годишнината од формирањето на локалната самоуправа.

Извор: Општина Карпош

Прочитајте