Министерот за правда Игор Филков идиректорката на АУЕ-ФОН, Сезен Цаноска , потпишаа Меморандум за соработка со кој двете институции се обврзаа заеднички да дејствуваат и соработуваат во интерес на спроведување на истражувачка и аналитичка работа, можности за реализација на стекнување на практични знаења на студентите, како и изготвување на добри законски решенија. На настанот присуствува и ректорот на универзитетот Саво Ашталкоски и деканот на Факултетот за правни и политички науки, Сејдефа Џафче .
Меморандумот има за цел овозможување на едукација, образование, усовршување, оспособување, учење на студентите на универзитетот во повеќе стручни и научни области, како и експертски придонес во рамките на работните групи во рамки на Министерството.
Универзитетот ќе дава свој придонес преку истражување и изработка на анализи, и ќе овозможи и соработка на наставниот кадар од универзитетите и истражувачите со вработените од Министерството за правда. Се овозможува поддршка и пристап на студентите за реализација на пракса, стекнување на практични знаења во рамките на делокругот на работа на Министерството.
Извор: Министерство за правда