Со свечен концерт на Камерниот оркестар „Ајга“, на 21 декември 2025 година (недела), во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде официјално заокружена манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Концертот започнува во 19:00 часот и претставува кулминација на културната година исполнета со бројни уметнички содржини и значајни културни настани.
Концертната програма на Камерниот оркестар „Ајга“, со солистите Ана и Игор Дурловски- реномирани вокални уметници, чија уметничка интерпретација се одликува со автентичност, емоционалност и висок професионален израз, е конципирана како целовито музичко патување низ македонското народно творештво и започнува со увертира, по што следуваат изведбите на „Си заљубив едно моме“ и „Ленка Пингова“, а потоа и „Што да правам, што да чинам“ и динамичното „Пајдушко“. Во продолжение се изведуваат „Нели ти реков моме Донке“ и „Ој ти момче Охриѓанче“, по што интерлудиумот го означува преминот кон вториот дел од концертот. Во вториот сегмент публиката ќе ги проследи „Невеста жито требеше“, „Дејгиди луди млади години“ и „Излегу да се мамо рашета“, по што следи втор интерлудиум, а концертната вечер кулминира со изведбите на „Кажи Анѓо“, „Стојне бре Стојне“ и завршната „Назад, назад Калино моме“, заокружувајќи ја програмата со силен емоционален и уметнички набој, втемелен во богатството на македонската музичка традиција.
Извор: Општина Гевгелија
































